За 27-то издание на Контра Кадар Скопје ќе се прикажува култниот sci-fi филм „Blade Runner”, а тема за дискусија ќе биде „ Што е тоа што нè прави луѓе?“.
Премиерно прикажан во 1982 година, „Blade Runner“, во режија на Ридли Скот, со Харисон Форд и Рутгер Хауер во главните улоги, беше прогласен за филмски неуспех, како од критиката, така и од публиката. Но, низ годините овој филм го задржуваше вниманието кај мала публика, и благодарение на неа, стекна и задржи еден свој култен статус.
Токму тоа овозможи „Blade Runner“ да се појавува во различни верзии, со нови, додадени или изменети сцени, за потоа Ридли Скот да ја издаде конечната верзија, насловена „The Final Cut“ во 2007 година. Со оваа конечна едиција, „Blade Runner“ се искачи на многу истакнати кинематографски листи како еден од најдобрите sci-fi филмови на сите времиња.
Гостин за дискусијата е Марјан Болтевски, водител на радио емисијата „Поларис“.
Настанот е закажан за 17 октомври, со почеток во 20 часот во кино Култура. Влезот, како секогаш, е бесплатен.