Контра Кадар во Кино Култура: WALL-E, влијанието на технологијата врз човекот

Во понеделник,  28 март, во Кино Култура, дебатното кино Контра Кадар ќе го прикаже анимираниот филм на Andrew Stanton, познатиот WALL-E.

Тоа е љубовна приказна која се случува во далечната иднина за два роботи-WALL-E, робот кој е дизајниран да ги поправи грешките на луѓето во напуштената Земја и Eve кој е робот дизајниран за да вроди нова надеж и да овозможи нов почеток. WALL-E ја следи до вселената каде всушност се населени луѓето од земјата на вселенски брод и со тоа се случува многу значајна промена и во светот на машините и во човештвото. Интересно е што и двата роботи се така направени да не ги доживуваме како такви, туку како личности со емоции и слободна волја. Всушност филмот прикажува едно екстремно злоупотребување на технологијата, кое за жал ја потхранува веќе постоечката технофобија.

По проекција на филмот ќе се отвори дискусија за влијанието на технологијата врз човекот,  колку технологијата ги олеснила животите и што ќе се случува во иднина .

„Брзината со која што еволуира технологијата е фасцинантна. Но за повеќето луѓе тоа темпо е застрашувачко. Дали ја заборавивме примарната цел на технологијата, па она што би било незамисливо и магично за нашите предци за нас е земано со доза скептичност и резерва. Што сакаме ние од неа или подобро, што сака таа од нас? Прашања кои мора да ги одговориме бидејќи живееме во доба каде е незамислив животот без технологија“, се вели во најавата за понеделничкото дебатно кино.

Проекцијата започнува во 19 часот, а влезот е слободен.

Дебатно кино „Контра кадар“ – Скопје е независна културна иницијатива што ги доведува во непосредна врска рецепцијата и рефлексијата на филмот како општествен феномен и културен артефакт. „Контра кадар“ го перципира филмот како битен фактор во создавањето и менувањето на современата култура и го препознава потенцијалот на филмскиот дискурс сериозно да влијае врз колективните културни, идејни и политички тендеции. Сепак, филмот служи само како референтна точка за дискусија, додека заедничката рефлекција на отворените теми и прашања е главната цел на седмичните дебатно-филмски собири.