Под диригентска палка на Емилио Перцан, вечерва на „Охридско лето“ ќе настапи Оркестарот на Музичката младина на Македонија.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот. Како солисти на вечерта свои изведби ќе имаат виолинистите Нино Микаберидзе (Русија), Максимилијане Вилмс (Германија), Ана Трухина (Русија), Вал Бакрач (Хрватска), Петар Поповски (Македонија), Бојан Илковски (Македонија), Ѓоко Петровски (Македонија), Милош Ракиќ од Србија на виола, заедно со нашата Сања Смилевска и Филип Витко од Хрватска, како и виолончелистите Марија Михајловска ( Македонија и Петар Лазаревиќ (Црна Гора) и нашиот Илин-Диме Димовски на контрабас.
Музичката младина на Македонија (МММ) е национална невладина организација која работи со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. Нејзиниот стремеже е да ја охрабри и да ја насочи потребата за директна комуникација помеѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со другите културни вредности.
Емилио Перцан пак своето музичко образование го започнува во Македонија. Љубовта кон музиката го носи во Москва, а потоа своите студии ги продолжува на Универзитетот за уметности во Есен, Германија, во областите на камерна музика и барокна виолина, во класите на реномирани професори.
Во текот на својата кариера соработува со голем број познати музичари, меѓу кои и еден од најистакнатите виолинисти на денешницата – Даниел Хоуп. Перцан настапувал во најпознатите сали и на најзначајните фестивали во светот (Берлин, Баден-Баден, Токио, Сао Паоло и др.). Во мај 2011 година настапува како солист во Концертот за виолина и оркестар од Бетовен, во престижната сала на театарот „Колон“ во Буенос Аирес. Ангажманот го добива само една недела пред концертот, а критиката го опишува концертот како „музичко случување на годината“.
Музичката младина на Македонија вечерва на Охридско лето ќе настапи во 29-ти пат. И овој концерт ќе може да се следи во живо преку Интернет преку веб-страницата на „Охридско лето“ (www.ohridskoleto.com.mk).