Култниот македонски џез состав Sethstat ќе и се приклучи на иницијативата на УНЕСКО за меѓународно одбележување на 30 април како Светски ден на џез музиката (иницијатива на УНЕСКО) со концертна промоција на својот најнов албум „Petit Cinematique“.
Концертот ќе се одржи во клубот Менада во Скопје со почеток во 22.00 часот, а претходно како дел од програмата ќе бидат прикажани два џез-документарни филмови и преносот во живо на Глобалниот џез концерт во Истанбул, градот домаќин на овогодишната прослава со концерт на легендарниот музичар Херби Хенкок и неговите пријатели.
Sethstat веќе дваесет години неуморно ја промовира македонската џез сцена, а групата зад себе има пет успешни албуми. Нивното најново, шесто по ред издание, „Petit Cinematique”, е своевидно надоврзување на претходниот албум „Кораб“, но не и задолжително продолжување на истата тема, туку едно музичко патување само за себе, или како што велат Сетстат : музичко патување со себе, во себе и меѓу себе, растегнато врз замислен, но реален свет.
Зад изданието стојат шест реномирани музичари: Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Павел Дробицки, Панче Бујуклиев, Гоце Наумов и Дино Милосављевиќ (Васко Атанасоски од групата Бернајс Пропаганда се јавува како гостин музичар на една од нумерите), а снимено е во џебното кино на Младинскиот Културен Центар во Скопје од страна на Ален Хаџи Стефанов и во продукција на Владан Дробицки.
Албумот е во дигитално издание и ќе може да се набави преку сите популарни светски онлајн музички продавници.