Речиси 200 држави утрово на Климатската конференција КОП28 во Дубаи постигнаа историски договор во кој за првпат се повикува на напуштање на употребата на фосилните горива со цел да се избегнат најлошите последици од климатските промени.
Сепак, во конечниот текст на договорот се избегнати зборовите „фазно напуштање“ што го бараа многу држави, организации и активисти, и наместо тоа се споменува „потребата за транзиција надвор од фосилните горива“, што претставува ублажена формулација.
„Фазното напуштање“ на фосилните горива вклучува постепено намалување на производството и користењето на фосилни горива додека нивното ниво не достигне 0. Истовремено овој концепт би вклучувал и забрана на државите да издаваат нови дозволи за експлоатирање фосилни горива, како и обезбедување поддршка за заедниците кои се најранливи од ваквата енергетска транзиција.
Еден од првите кои се огласи по постигнатиот договор беше генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој очигледно се обрати на оние кои придонеле во ублажувањето на текстот на договорот.
„До оние кои се противеа на јасното повкување на фазно напуштање на фосилните горива за време на КОП28 климатската конференција, сакам да им кажам едно нешто. Без разлика дали тоа ви се допаѓа или не, фазното напуштање на фосилните горива е неминовно. Само да се надеваме дека нема да дојде премногу доцна“, напиша на Х (Твитер) Гутереш.
To those who opposed a clear reference to phase out of fossil fuels during the #COP28 Climate Conference, I want to say:
Whether you like it or not, fossil fuel phase out is inevitable. Let’s hope it doesn’t come too late. pic.twitter.com/q2LqMw75K1
— António Guterres (@antonioguterres) December 13, 2023
Договорот е напишан на 21 страна и има речиси 200 параграфи. Тој не е правно обврзувачки за државите, но е важен документ кој го покажува патот напред за светот во поглед на климатските промени.
Претставниците на Обединетите Арапски Емирати, кои беа организатори на климатската конференција, изразија задоволство од постигнатиот консензус.
„Постигнавме силен акциски план за да се задржиме на 1,5 степени целзиусови (глобално загревање над пред-индустриските нивоа). Ова е урамнотежен план кој го адресира проблемот со емисиите и е изграден на заедничка основа. Засилен е со целосна инклузивност. Станува збор за историски пакет кој ќе ја забрза климатската акција“, изјави во својот говор претседателот на КОП28, Султан Ал Џабер.
Сепак активистите за климатска правда сметаат дека текстот не е доволен за правична транзиција.
„Проблемот со текстот е дека тој и понатаму остава големи „дупки“ кои ќе им овозможат на САД и другите држави кои се големи производители на фосилни горива да го прошируваат нивното производство. Постои прилично опасен пропуст во текстот, кој овозможува „транзициските горива“ да продолжат, што е всушност шифра за природниот гас, кој исто така емитира јаглеродно загадување“, објаснува Џин Су, директор за енергетска правда на Центарот за биолошка разновидност.
Од Алијансата на мали островски држави, чии членови се соочуваат со егзистенцијална закана од растечкото ниво на морињата велат дека текстот не го обезбедува потребниот баланс со кој би се засилила глобалната акција за коригирање на патот на климатските промени и дека станува збор за мали промени, а не трансформација.
„Гледаме мноштво „дупки“ во текстот за кои постои сериозна загриженост. Низ текстот имаме повикување на науката, но потоа се оградуваме од договор со кој би оствариле релевантна акција со цел да функционираме онака како што науката ни кажува дека треба. Не е доволно само да се повикуваме на науката и да правиме договори кои го игнорираат тоа што науката ни вели дека треба да го направиме“, велат од Алијансата.
Џон Кери, амерканскиот претставник за климатски прашања, изјави дека договорот отсликува двегодишна работа на тимови кои преговарале низ целиот свет.
„Иако никој не може да каже дека текстот целосно се совпаѓа со неговите погледи, фактот е дека овој документ испраќа многу силен сигнал на светот. Мораме да ги одржиме 1,5 степени целизусови достижни. Особено нагласува дека нашите следни национални заложби мора да бидат во согласност со заложбата за 1,5 степени. Отсликува тоа што го вели науката, дека ургентно треба да го достигнеме максималното ниво на емисии на стакленички гасови и да ги спуштаме“, рече Кери.
Во договорот се наведува дека државите „ќе придонесуваат за транзитирање надвор од фосилните горива во енергетските системи на праведен, среден и еднаков начин“. Ова е првпат во историјата во која има јасна референца во текстовите на КОП за иднината на сите фосилни горива. Истовремено во договорот се признава дека глобалните емисии најверојатно ќе ги достигнат максималните нивоа пред 2025 година и дека земјите во развој овој максимум можеби ќе го достигнат подоцна.
Текстот е ублажен и во делот на финансирање, каде договорот повикува, наместо да наложува, развиените земји да обезбедат поддршка на ранливите држави кои се соочуваат со најтешките последици на климатските промени.