Летото 2024 година постави нови температурни одредници на глобално ниво, покажуваат податоците од Службата за климатски промени „Коперник“, пишува „Анадолу“.
Глобалните просечни температури од јуни до август достигнаа 0,69 Целзиусови степени над просекот од периодот 1991-2020 година, надминувајќи го претходниот рекорд од 0,66 Целзиусови степени поставен во 2023 година, според климатскиот монитор на Европската Унија.
Европа го доживеа најжешкото лето досега, со температури кои се искачија до 1,54 Целзиусови степени над просекот, надминувајќи го претходниот рекорд од 1,34 Целзиусови степени од 2022 година.
Август оваа година заедно со месец август минатата година важат за најтопли месеци август на глобално ниво, со просечна температура на воздухот од 16,82 Целзиусови степени, 0,71 степени над просекот. Тоа го одбележа 13-тиот месец во 14-месечен период каде глобалните просечни температури на воздухот на површината надминаа 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа, истакнаа од „Коперник“.
Според извештајот, 12-месечниот период од септември 2023 година до август оваа година бил и најтопол досега, со 0,76 Целзиусови степени над просекот и 1,64 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа.
Глобалната просечна температурна аномалија од јануари до август 2024 година е 0,70 Целзиусови степени над просекот, зголемувајќи ја веројатноста дека 2024 година ќе биде најтоплата година досега, соопшти „Коперник“.
„Екстремните случувања поврзани со температурата на кои сведочевме ова лето само ќе станат поинтензивни, со попогубни последици за луѓето и планетата, доколку не преземеме итни мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови“, предупреди Саманта Бургес, заменик-директор на Службата за климатски промени „Коперник“.