Илјадници корисници на популарната видео апликација „Тик Ток“ последниве денови поставуваат негативни коментари за официјалната апликација на американскиот претседател Доналд Трамп за претстојните претседателски избори.
Само во средата, како што пишува Блумберг, за апликацијата на Трамп биле објавени 700 негативни и само 26 позитивни коментари.
Корисниците на „Тик Ток“ на овој начин негодуваат со најавите на Трамп за забрана на апликацијата која е во сопственост на кинеска компанија и е многу популарна во Соединетите Американски Држави.
„За Генерацијата З и Миленијалците, Тик Ток е наше место на кое Трамп му се закани. Ако се поигруваш со нас, ќе се поигруваме и ние со тебе“, напишал 19 годишниот корисник на „Тик Ток“, Јори Блак, кој се приклучил на протестот.
Блак објаснува дека ова движење добило на сила откако популарниот корисник на „Тик Ток“, Дежуан Букер, ги повикал неговите 750 илјади следбеници да се одмаздат. Тој постирал прирачник како чекор по чекор да се намали рејтингот на апликацијата.
Во моментов апликацијата на продавницата на „Епл“ има рејтинг од само 1,2. Огромен број од коментарите имаат наслови како „немојте да го спуштате ова“ или „ужасна апликација“.
Од кампањата на Трамп изјавиле дека оваа акција немало никакво влијание.
„Корисниците на „Тик Ток“ не влијаат на она што го правиме. Она што го знаеме е дека Кинезите го користат „Тик Ток“ за да ги шпионираат корисниците“, вели Тим Мурто, директорот на комуникации во кампањата на Трамп.
Компанијата „Бајтденс“ во чија сопственост е видео платформата, досега секогаш ги негирала ваквите тврдења.