Професорката Илина Јакимовска, од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје го подготви редовното вторничко предавање за своите студенти. Но овојпат, наместо на факултет, ќе предава од својот дом. Наставата на сите факултети во земјава е прекината од минатата недела, по појавата на повеќе случаи на заразени од новиот коронавирус. Наставата, првично е прекината на две недели, но никој не предвидува колку долго ќе трае овој прекин. Во отсуство на јасни инструкции од Министерството и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), професорката Јакимовска почна да ги истражува платформите преку кои ќе може да се поврзе со своите студенти.
„Оставено е на лична иницијатива на катедрите и на вработените дали сакаат да направат нешто со алатките кои стојат на располагање, бесплатни или со плаќање, или нема да покажат иницијатива. За нас од општествените науки, ова е нов предизвик, да се прилагодиме на оваа ситуација што мислам дека е добра показна вежба и за понатаму, без оглед на тоа дали има или нема вирус“, смета професорката.
Затоа прво преку апликацијата „zoom” се обидела да ги покани студентите, пред да увиди дека апликацијата се наплатува за сите конференциски врски кои траат над 40 минути. А тоа не е доволно за еден академски час, додава.
„Не се големи пари, 15 долари месечно, но се прашувате дали тоа е потребно, дали е исплатливо, дали ќе профункционира. Студентите треба да ја симнат програмата, да се регистрираат, а не знам колку од нив имаат компјутер или лаптоп бидејќи повеќето се поврзани преку мобилен телефон. За да не излезе недемократски, се префрливме на Скајп, со тоа што во 13 часот е мојот прв обид ова да профункционира, во редовниот термин за час. Дали ќе функционира, колку ќе кочи, колкумина ќе се пријават, не знам“, искрена е професорката Јакимова.
Со цел да биде поинтересно, додава, на денешниот час ќе „раскринкуваат“ урбани митови и легенди кои кружат во ситуации како сегашната, но и гласини и лажни вести поврзани со конкретните состојби Најсреќна, вели, ќе биде ако сите нејзини студенти се вклучат и активно учествуваат на часот. И ако системот не закочи.
На социјалните мрежи се споделуваат и други постови на професори кои решаваат да одат онлајн. Меѓу нив и професорката Светлана Кочовска-Стевовиќ од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет при УКИМ, но и нејзиниот колега, професорот Владимир Трајковски.
Професорката Кочовска-Стевовиќ се сели исто така на Скајп. Веќе го тестираше за онлајн предавање.
„Идејата за изведување настава преку Скајп не е самоиницијативна, туку е во склад со Известувањето за постапување што на 11.3.2020 година МОН им го достави на деканите на високообразовните установи. Во него, меѓу другото, се препорачува наставниците да ги исполнат обврските што им ги наметнуваат студиските програми преку методи и практики соодветни на настанатата состојба. Со сигурност знам дека и други мои колеги од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет изведуваат настава преку Скајп. За нас овој тип настава е возможен, бидејќи имаме малку студенти“, вели таа за Радио МОФ и додава дека првото вакво предавање минало без никакви пречки, па го смета за одлична алтернатива и за подолг временски период.
Професорот Трајковски пак ќе го користи сопствениот ФБ и Јутјуб канал за онлајн предавања додека не се вратат студентите на факултет. Ќе става и минуси за отсутните студенти.
„Предавањето ќе почне во стандардниот термин во вторник на 17.03.2020 во 08:00 часот. Претходно неколку минути во групата на ФБ ќе биде споделено обавестување на кое вие ќе треба да ставите коментар Присутен/Присутна. По завршувањето на предавањето ќе треба директно под моето видео на Јутјуб каналот повторно во коментар да ставите Присутен/Присутна и тоа не подоцна од 5 минути од завршување на предавањето. Врз основа на тие коментари ќе бидат евидентирани плусови за присуство и минуси за отсуство. Тоа значи исто како и физички да сте биле приустни. Искрено се надевам дека нема да се користите со трикови да бидете присутни само на почетокот и на крајот на предвањето, бидејќи така сте се излажале себе си, а не мене. Материјалот мора да се научи и со тоа ќе се оди на испит. Не сум сигурен дека ќе има продолжување на семестарот во јуни. Дури и да има такво нешто, ние во регуларниот термин на овој начин ќе си ја завршиме наставата“, напиша тој во упатството до студентите на својот блог.
Техничките факултети со посебен онлајн систем за настава
Многу поорганизирани за држење онлајн настава се техничките факултети. Од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) најавија целосно селење на својата настава онлајн. ФИНКИ од денеска почнува со изведување наставата преку системи за далечинско учење.
„Наставата ќе се изведува користејќи го видео конференцискиот систем кој е имплементиран во студентскиот сервис Courses. Согласно распоредот на часови ќе можете да се најавите на курсот во терминот кој е одреден и да следите настава. Детално упатство за начинот на изведување и следење на настава ќе биде дополнително доставен“, соопштија оттаму.
Од ФЕИТ пак велат дека имаат имплементирано систем за електронско учење кој активно се користи од наставниот кадар и студентите повеќе од 15 години.
„Во рамките на овој систем, деновиве ФЕИТ дополнително набави и имплементира нови два модули за овозможување видео-конференциска врска, со што наставата може непречено да се одвива електронски, според тековниот распоред“, велат за Радио МОФ.
За тоа кога ќе почне онлајн наставата ќе одлучуваат на денешниот Наставно-научниот совет, на електронската седница, по што сите студенти треба да добијат електронско известување на своите е-маил адреси.
Студентите чекаат онлајн предавања
Борјан Ефтимов, претседателот на Универзитетското студентско собрание при УКИМ не гледа пречки за префрлање на наставата онлајн.
„Во моментов УКИМ нема унифициран став и насоки како да се постапува додека траат мерките за спречување на коронавирусот. Ова прашање, ние како студенти, го потегнавме на Ректорската управа, па можам да најавам дека наскоро се очекуваат насоки за факултетите како да се справат со моменталната криза. УСС-УКИМ ја предложи платформата zoom.us како апликација која може да се користи веднаш, со минимални финансиски импликации , а прв факултет кој веќе набавува кориснички профили од оваа платформа е ФЕИТ. Ги повикуваме сите факултети да набават кориснички профили и да започнат со еНастава. Оваа апликација ја користат голем број на светски универзитети, меѓу кои и Беркли во Калифорнија“, забележува Ефтимов.
Единствен проблем , вели е, е прекинувањето на лаборатиските вежби на дел од факултетите, кои ќе треба да се надокнадат кога студентите ќе се вратат на факултет. И тој, како студент на Правниот факултет, се соочува со проблем при следењето настава изминатите неколку дена.
„Сите се оштетени од моменталната ситуација. Не можеме да очекуваме иделни услови, бидејќи живееме во сурова реалност, реалност за која никој не беше подготвен ниту размислуваше пред еден месец. Мораме да се обидеме да извлечеме максимум со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме. Сите заедно мораме да ја пребродиме оваа криза. Професорите да се обидат да ни го пренесат знаењето на најдобар можен начин, а ние како студенти да работиме многу понапорно за да го надокнадиме изгубеното“, додава Ефтимов.
МОН со општи насоки кон факултетите
Министерството за образование и наука, на 11 март упати известување до ректорите, проректорите и деканите на универзитетите за прекинот на наставата во следните 14 дена. Во однос на наставата, единствената насока која ја добија високообразовните институции е „исполнувањето на обврските од студиските програми да се прилагоди на начин при што постигнувањето на предвидените резултати од учењето да се изведува преку соодветни методи и практики соодветни на настанатата состојба“.
Јасмина Јакимова