Измама, принуда, изнудување, фаворизација, непотизам, поткуп — непрегледно многустран и крајно неисцрпен е феноменот на корупцијата. Според неодамнешно истражување на домашен терен, граѓанската перцепција на корупцијата во Македонија, со своите 55,1 отсто, е далеку над европскиот просек, кој изнесува 45 отсто. Уште повисок е степенот на перцепција на коруптивните потфати во домашниот образовен систем: неверојатни 56,2 отсто од граѓаните во земјата сметаат дека корупцијата е широко распространета во оваа област, особено во форма на непотизам и поткуп. Дона Костуранова, претседателка на невладиниот Младински образовен форум, тврди дека последиците од корупцијата имаат далекосежен одек и долгорочно ги нарушуваат функциите, пред сѐ, на високообразовниот систем.
Нема големи разлики во мислењето на различните етнички групи во однос на општата перцепција на корупцијата во Република Македонија: нејзината присутност е широко распространета. Овој наод го утврдува истражување спроведено во 2012 година од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со ОБСЕ и со Транспаренси Интернешнал Македонија. Со утврдените 55,1 отсто, граѓанската перцепција на корупцијата во Македонија е далеку над европскиот просек, кој изнесува 45 отсто. Кога станува збор за високото образование, 56,2 отсто од испитаниците во земјата сметаат дека корупцијата е длабоко навлезена во оваа сфера. Трите нејзини аспекти за кои постои најсилно убедување дека се предмет на корупција се: вработувањето на универзитетите (55,1%), полагањето испити (45,1%), добивањето легло во студентските домови (42,2%).
Споменатите проблеми се од поодамна и на истражувачката агенда на Младинскиот образовен форум, невладина организација, чија мисија е позиционирање на младите како релевантен општествен фактор на унапредување на внатрешната и на надворешната интеграција на Република Македонија. Во пресек на општата слика на корупцијата во образованието, претседателката на здружението, Дона Костуранова, тврди дека последиците од коруптивните потези имаат далекосежен одек и долгорочно ги нарушуваат функциите, пред сè, на високообразовниот систем.
„Корупцијата во високото образование може да ги намали расположивите ресурси или да ја загрози нивната транспарентна и соодветна распределба, како и услугите што ги добиваат судентите. Таа ги искривува вредностите во еден образовен систем и може да води кон тоа цели генерации да ја прифатат како нормална појава, да ја толерираат, па дури и да ја сметаат за составен дел од образованието. Се создаваат и впечатоци за полесно оправдување на коруптивно однесување, дека некои форми на корупција не се толку спорни како други, со што на препишувањето или плагијатот се гледа како на далеку побенигни од на пример поткупот, иако истите му штетат на системот. На тој начин, меритократијата, еднаквоста, вреднувањето на работата и постигнувањата на студентот според заслугите и успехот стануваат нереални, а студентскиот оптимизам и довербата во системот се намалуваат. Не помалку важно, со неа се доведува во прашање кариерниот развој на младите, ограничувајќи ги можностите со за личен напредок. Најпосле, корупцијата влијае на намалување на вредноста на универзитетската диплома добиена во систем, каде конкуренцијата е нереална, а стекнатите знаења и вештини спорни“, истакнува Костуранова.
Врските и натаму наголемо „даваат“ повисоки оценки
Во студија со регионален карактер спроведена минатата година, организацијата дошла до наодот дека секој втор студент во Скопје, вклучувајќи ги и оние од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, го смета непотизмот на својот факултет за значително (29,2%) или за многу застапен (22%). На споредбена линија со универзитетите од останатите земји вклучени во истражувањето, Белград и Загреб бележат просек од 33 отсто. Во контекст на проблематиката, исто така, во Скопје можат да се забележат најголем број испитаници, кои имале директно искуство со непотизам — најмалку 22 отсто од нив. Најзастапен е образецот кога студент користи познанства за положување испит или добивање повисока оценка: искуството со него достигнува дури 29,7 отсто од домашните испитаници.
Целиот текст можете да го прочитате на akademik.mk.