Костадин Ристоманов за референдумот во Ново Село: Вампирите не дојдоа

По неуспешниот референдум кој вчера се одржа во општина Ново Село против изградбата на на рудникот за злато Иловица, со свој став се обрати активистот Костадин Ристоманов, од Зелена котлина. Ставот во кој ги објаснува причините за неуспехот на референдумот го пренесуваме во целост:

Почитувани пријатели, 38% од вкупниот број на запишани гласачи значат 90% од вкупно присутните жители кои не се согласуваат со идејата на државата, да бидат затруени и убиени. Најголем број од нашите сограѓани не се свесни против каков противник водиме нерамноправна борба. Еве ги неговите дела:

1. Нашиот непријател успеа на гласачките списоци од декември 2016 да уфрли повеќе од 800 фантомски гласачи (мртовци, непознати лица) но во исто време да избрише многу лица со право на глас. Замислете само дали е тоа логички: во нашата Општина, од која секојдневно се иселуваат, деца има се помалку, но затоа гласачи има се повеќе???? Има ли некој нормален кој верува во тоа? Гласачките списоци личеа на албум од некролози, но бидејќи гласањето беше преку денот, се плашат од Сонцето, Вамиририте не дојдоа, да си го извршат граѓанското право, што им беше дадено.

2. Не дозволија референдум кога нашата Општина има најмногу жители (средината на јули до средина на август) кога нашите во странство се тука. Зошто?

3. Не дозволија референдумот да се одржи во исто време со локалните избори (ДИК од Струмица тврдеше дека тоа е против законот) но сведоци сме дека ќе има такви заедничи референдуми сега со локалните за бегалците. Кој лаже и зошто?

4. Водеа активна антиреферендумска кампања со своите 5 џипа и неколку автомобили, дење и ноќе, нудејќи вработувања, пари на сметка следниот ден по бојкотот на гласањето, станови во Струмица. Ширеа лаги за нас (сме биле платени од СДСМ?!), рудникот ќе бил еколшки чист, ќе донел развој и сл. А во исто време на сите повици да се појават на отворена дискусија, одбиваа да дојдат. Зошто?

5. Имаа подршка од градоначалникот и неговите луѓе, затоа што до сега концесионерот веќе 8 години донира средства за помош на општината (Чешмата на Баба Ванѓа, за време на претходниот градоначалник, резервоар за вода во Мокрино, средства за специјалното училиште во Ново Село, позајмениот булдожер за поправка на полските патишта, за време на актуелниот градоначалник, кој како и мнозинството до пред неколку месеци, не знаеше колку катастрофални последици ќе предизвика работењето на рудникот. Но за жал, кога дозна од нас, што всушност ќе предизвика тој рудник по здравјето на сите, па и по него и неговата фамилија, незнаеше како да се извелече од кашата во која веќе беше навлегол длабоко, па ја избра погрешната страна, повикувајќи ги своите на ТИВОК БОЈКОТ, (тој ќе галаса, но не и целата негова фамилија), а така постапија и останатите негови симаптизери, но не и сите членови на ВМРО. Таквата нецелосна подршка имаше клучна улога во неповолниот резултат и тој ја сноси главната одговорност за неуспехот на референдумот.

6. Покрај несреќното паѓање на градоначалникот во стапицата на рудникот, заедно со него солидарно, заради финансискиот интерес, беа вовлечени и сите наши градежни компании, кои директно беа платени од концесионерот или земале пари од Општината (градоначалникот) за изведување на градежни работи. Бидејќи тоа се мои колеги, јас лично не им се лутам, но нивните наведнати глави, при идните наши средби, нема да биде доволно, да си ја избришат совеста, поготово за гревот што свесно го направија и против своите деца. За сите нив, претстои и поправен испит.

7. За претходните има надеж да се покајат и да се вклучат кон нашата борба, но како да ги разбереме моќниците од поголем калибар, кои се полни со пари, поседуваат огромни средства и капитал, но нивната лакомост и заслепеноста од можниот уште поголем профит, ги тераше да бидат против својот народ, против своите роднини, братучеди, соседи. Зарем мислат дека е доволно оправданието ”не знаев”, зарем мислат дека некој им верува дека ниивниот отворен бојкот, не е само за пари? Опортунистички настроени, како мршојадци, ја очекуваат нашата смрт, за тие да профитираат. Тоа се големите компании, кои веќе имаат усни договори за снабдување на идниот рудник со градежни материјали (песок, бетон и сл) и се надеваат дека ќе работат таму, а нивните сопственици се токму од нашиот крај. Толку ли нашиот народ не ги препознава нивните бизнис интереси, па подлегнаа на нивните лаги, дека рудникот е далеку, дека ќе имало контењерско прочистување, дека нема да има загадување? А се работи, како и секогаш само за пари.

8. Што да кажеме за оние ,,преку реката,, под Беласица? Нивната омраза спрема другите, нивната партиска дисциплина, за сметка на здравјето на своите деца, нивното незнаење, дека најпрвин нивната вода од Беласица ќе се загади, нивното лажно чуство на безбедност-далеку биле? Ги натера да се однесуваат предавнички и не излегоа, а беа тука. На никој на сила не можеш да му дадеш, но на сила ќе им се одземе убавината која ја поседуваат, но не ја ценат доволно.

9. Нашите сожители кои живеат и работат во странсво, но инвестираат и доаѓаат повремено тука, надевајќи се дека еден ден ќе се вратат конечно и ќе живеат со нас. Мозинството од нив не ја сватија сериозно опасноста, која прети да им ги уништи плановите за нивната иднина.Имаше и такви на кои треба да им се честита, дојдоа да гласаат, но нивниот број ни одалеку не беше доволен за успешноста за референдумот. Се надевам дека во иднина, баш тие ќе ни бидат најмоќниот сојузник во нашата борба.

10. Нашите слабости: Проектираните 42-43% не ги остваривме. Несакајќи да си изнаоѓаме оправдание за нашиот неуспех, сепак треба да си признаеме дека бевме недоволни искусни, недоволно подготвени, недоволно распространети со наши ограноци низ населените места, немавме доволно време, пари, луѓе, знаење, планови.

ПРИДОБИВКИ, НАМЕСТО ПОБЕДА

Лично чуствувам одговорност, но во исто време и огромна гордост кога ги гледам резултатите од нашите активности. За прв пат ние вежбавме, но и практикувавме демократија. Покажавме како треба да се бориме за своите права, го трасиравме патот по кој ќе продолжиме заедно сите оние кои ги пробудивме. Се гордеам со сите млади деца, кои совесно сами се приклучија да помогнат. Тие по зрелост, но и по дела, ги надминаа своите родители. Се гордеам со своите соборци, кои не се откажуваат, затоа што сите веруваме во исправноста на онаа што го правиме, друг пат немаме.

Им се заблагодаруваме на двете партии, од кои едната имаше јасен став и отворено не подржуваше, но не со сите сили, другата, жртва на минатото и на лични интереси на поединци во неа, неорганизирано и недоволно ни помагаа, но сепак не ја крие својата подршка. Но тоа не беше доволно. Не можеше повеќе ниту Црквата да ни помогне, иако дадоа се од себе, па затоа им благодариме. Не реално ќе беше за толку кратко време да се постигне поголем успех, но ние целта ја постигнавме. Младите ги активиравме, постарите ќе помагаат, двете партии ќе продолжат со подршката, Цркавта се определи за народот, борбата има загарантиран успех, прашање на време кога ќе се оствари. Ви благодариме на сите и Ве очекуваме да ни се приклучите.