Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција рече дека не е скратен буџетот на Агенцијата за филм, ниту во Предлогот за прераспределба на средствата што сега е во Собрание, ниту по било кој друг основ, за што неделава реагираа од Агенцијата за филм и филмски режисери и продуценти.
„На продуцентите и дел од потписниците на соопштението во јавност им објаснив дека тие имаат погрешни информации и дека, за жал, јас не го сакам тој збор, се изманипулирани дека некој, некако им замрзнал средства. Вистината е дека додека трае процесот во Собранието, тие средства се во мирување, но сите пари се на сметката“, рече министерката.
Таа посочи на двете сметки што ги има Агенцијата за филм, буџетската која може да ја менаџираат Министерството за култура и Министерството за финансии и посебната сметка на Агенцијата до која има увид директорот на Агенцијата и кажа дека на таа сметка има премала реализација на средствата.
„На таа посебна сметка тие немаат доволна реализација и од таа сметка одредени средства во овој момент не можат да ги видат бидејќи дури трае расправата за прераспределба во Собрание, тие стојат како сметка на страна“, објасни Костадиновска-Стојчевска.
Агенцијата за филм и филмаџиите во дописите до јавноста изразија загриженост дека средствата за тековните проекти ќе ги добијат дури кон крајот на декември. Притоа оттаму нагласија дека снимањата не може да чекаат и ги побараа средствата веднаш.
Костадиновска-Стојчевска денес го негираше ова и кажа дека сите на проекти кои ќе се достават со целосна документација до Министерството веднаш ќе им бидат исплатени средства.
„Јас сакам да ве уверам дека секој филмски проект којшто е спремен за реализација за фазата снимање во која се трошат најголем дел од парите и кој ја има комплетирано целата документација, обезбедено средства од копродукции и ја има доставено до Министерството банкарски гаранции, ќе бидат обезбедени средства. Ниту еден проект не е загрозен, меѓутоа јас не можам да одговарам кога директорот и менаџментот ќе испрати план за исплата“, рече министерката.
Потоа уште еднаш нагласи дека буџетот на Агенција за филм не е никако допрен и повика да престанат манипулациите на оваа тема.
70 филмски режисери и продуценти: Средствата ни се потребни веднаш и сега, а не во декември
Ангела Бошкоска