Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денес се осврна на резултатите, како и на реакциите во врска со Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.
„Го имаме предвид фактот дека пазарот е мал и дека има свои правила, но оние што веќе се докажале на пазарот, не треба да го изгубат чувството дека поддршката што ним им е дадена на почетокот на нивните кариери, сега му е потребна и на некој друг“, рече Костадиновска-Стојчевска.
За реакциите во врска со резултатите од конкурсите, министерката за култура истакна дека ги разбира и повика секој што е незадоволен, да ја искористи правната можност за жалба.
Во тој контекст, министерката Костадиновска-Стојчевска го повика организаторот на „Офф-фест“ да ја искористи жалбената постапка, а не да ја откажува манифестацијата.
По реакциите за проектите во издавачката дејност, министерката изјави дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет.
Истовремено, министерката ги повика и институциите од културата и невладиниот сектор, како и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан.