Младата уметница Милена Јаневска утревечер (21 јуни) за првпат ќе ги претстави своите психоделични везови пред јавноста.
Творбите настануваат без однапред замислен концепт или скица, а инспирацијата за нив доаѓа од народните носии, везови и ќилими од земјите на Јужна Америка, Африка и Балканот. Везовите ги создавава и врз стара, износена облека и накит, при тоа на таков начин давајќи им печат на инвентивност и свежина.
„Првата реакција од моите другарки и блиски луѓе е секогаш ‘леле браво, како имаш нерви’, но секогаш ме поддржувале во тоа што го правам и ме снабдувале со материјали, стара облека, накит и слично.“ изјави Јаневска за Радио МОФ.
Имено, везењето како вештина за младата уметница е своевидно пркосење на трендови на глобализацијата која заговараа укинување на традициите и бришење на автохтоните култури.
„Секако, ако на некој му се допадне некое парче на изложбата, ќе може да си го резервира и купи после настанот“, додава Јаневска.
Медитативната состојба во ваквата форма на уметност се наоѓа во репетитивната постапка на везење. Авторката сака да укаже на општата анксиозност која зема поголем замав, истовремено потсетувајќи како уметноста и творештвото содржат поефикасни терапевтски својства отколку легалните пропишани медикаменти.
Творбите на Јаневска од утревечер ќе бидат претставени во Отвореното графичко студио на Музејот на град Скопје.
Мартин Колоски
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.