Мултимедијалниот простор „Котур“ се всели во стара зграда пред земјотресот, среде центарот на Скопје. Објектот беше отворен вчера кај култното место Форум, кое скопјани го знаат како плодно место за дружби, свртувалиште за млади, обединувач на алтернативната сцена во градот. Форум низ годините активно се грижеше за одржување напредна мисла и здрав разум, а „Котур“ најавува дека ќе продолжи со урбаната културна приказна, нудејќи локал и мултинаменска кино-сала.
„Старата зграда е скриено богатство во овој метеж и бетон. Единственото место каде има дрвја во ДУП ‘Мал ринг’ во толкава количина“, велaт Дарко Јовчевски и Димитар Димитровски од „Вело кафе“, дечките што ја започнуваат новата приказна со „Котур“.
Објектот порано бил на „Македонија филм“. Тука „паѓале“ одлуки за дистрибуција, односно, велат тие, во просторот зад затворени врати се проектирале филмови и се одлучувало дали потоа може да се пуштат по кината низ Македонија.
„Доле имало мала кино сала, која не била отворена за јавност, туку влегувале луѓе со картици доделени од Министерство за култура. Помагале во одлуката што точно ‘Македонија филм’ да увезува, што е интересно и погодно. Веруваме постоела и некоја идеолошка комисија, но со сигурност не знаеме, само претпоставуваме. Буквално тоа што се случувало во кината, а нашите родители, па и ние што сме ги фатиле филмовите да ги гледаме, било одлучувано во овој простор“, велат дечките.
Сега ќе функционира како мултимедијален простор. Во салата на „Македонија филм“ ќе се проектираат филмови. Сакаат да бидат отворени за секакви настани. Изложби, можеби мали камерни претстави, да функционира како галериски простор, за конференции…
Сепак, потенцираат тие, пополека самиот простор „ќе си каже“ што му е потребно. Која ќе му е намената, и на луѓето што им е потребно.
„Првенствено ќе биде место каде се прикажуваат филмови, бидејќи сакаме да оддадеме значење на она што бил претходно. Да се зачува тоа. Затоа и самиот кафе-бар ќе се вика ‘Котур’ – делот каде се мота филмската лента. Ќе се посветиме на културно развивање на просторот, бидејќи, мислиме дека улица ‘Македонија’ и околината, скопјаните малку ги запоставивме. Не сакаме ни да поминеме од овој простор, но, сепак, постојат убави места и убави приказни кои имаат што да кажат. Не треба да ги оставиме на било кој, туку да се бориме за нив. Сепак е центарот на градот – треба да го заживееме“, сметаат сопствениците.
Според нив, Форум претставува едно од малкуте зелени точки и мирни места, во километар радиус на овој простор. Кога ќе излезеш во дворот, нагласуваат, те потсетува на 70-те години од минатиот век.
Баш поради тоа, нивниот нов локал од архитектонски и ентериерен аспект ќе биде целосно Скопје, 70-ти.
„Се работи за реставрирани парчиња мебел, правиме наши уникатни плочки, наши клупи и останати работи кои би потсеќале на тој период. Форум е место што заслужува малку повеќе внимание, затоа ќе се обидеме да го направиме поубаво, почисто и покористено од младите, како што беше до пред 10-ина години. Тука се збиравме за пијачка, сега ќе се собираме и за културни настани“, посочуваат Јовчевски и Димитровски.
Бојан Шашевски