Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими денес го презентираа новиот Концепт на даночна реформа.
Новата даночна реформа е дел од Стратегијата за реформа на даночниот систем (2021-2025), каде се утврдени главните цели на даночните реформи, поставени во пет приоритети.
Целиот Концепт е поделен на четири групи, кои се однесуваат на различни категории.
Токму во четвртата група на даночни решенија се опфатени неколку нови иницијативи во делот на данокот на додадена вредност, односно во регулатива за повластени даночни стапки.
Една од нив е намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена, а измените се предвидени за наредната година.
„Една од новините во оваа група мерки е намалувањето на стапката на ДДВ од 18% на 5% за производи за менструална хигиена како наш придонес во борбата со менструална сиромаштија. Имено, врз основа на иницијативите од страна на група пратеници како и од граѓанскиот сектор, со новиот концепт на даночна реформа направивме решение кое ќе овозможи поголема достапност на овие производи до сите жени и девојки независно од економската положба и куповната моќ“, изјави Ковачевски.
Пред самиот крај на 2о21 година, кога на седница на Град Скопје се гласаше Буџетот за 2022 година советниците го изгласаа и амандманот со кој се предвидуваат средства кои ќе бидат наменети за бесплатни менструални производи за девојчињата во средните училишта.
За оваа мерка Градот издвои буџет од 2.000.000 денари. Предлагач беше советничката Теодора Крстевска.