Коронавирусот често се наоѓа кај кучињата и мачките чии сопственици биле болни од Ковид-19, покажува ново истражување.
Научниците зеле брисеви од 310 миленичиња во 196 домаќинства каде имало човечка инфекција. Од нив биле вратени шест позитивни резултати од мачки и седум позитивни резултати од кучиња, додека 54 миленици биле позитивни на тестовите на антитела на вирусот, пренесе Би-Би-Си.
„Доколку имате Ковид треба да избегнувате контакт со вашата мачка или куче, исто како што би правеле со други луѓе. Главниот проблем не е здравјето на животните, туку потенцијалните ризици дека тие можат да служат како резервоар за вирусот преку кој би се пренесувала заразата“, објаснува Елс Броенс од Универзитетот во Утрехт.
Авторите на студијата велат дека досега не постојат докази дека се случило пренесување на вирусот од домашен миленик на човек, но таквиот случај би бил и многу тешко да се регистрира имајќи во предвид дека вирусот и понатаму лесно се пренесува помеѓу луѓето.
„Не можеме да кажеме дека има 0% ризик сопствениците да добијат Ковид од нивните миленици. Во моментов пандемијата и понатаму ја движат инфекциите од човек на човек, па секако не би можеле да го детектираме тоа“, објаснува Броенс.
Најголемиот дел од заразените миленици немале симптоми или пак покажувале благи симптоми на Ковид.
Ветеринари во Русија веќе започнале со вакцинирање на животните против овој вирус, но според Броенс не постојат научни докази за да се оправда таква пракса.
„Не е многу веројатно дека милениците имаат некоја улога во пандемијата“, додава таа.
Во различна студија, спроведена од Универзитетот Гулф во Онтарио, Канада, беше откриено дека мачките кои спиеле во креветот на сопствениците биле посебно подложни на инфекција со Ковид-19.
48 мачки и 54 кучиња од 77 домаќинства биле тестирани на антитела против Ковид, околу 67% од домашните мачки и 43% од домашните кучиња биле позитивни на тестот, за разлика од само 9% кучиња и мачки од стационарите за животни и само 3% од уличните мачки во подрачјето.
Авторите на оваа студија заклучиле дека биологијата на мачките ги прави поподложни на Ковид, а исто така домашните мачки почесто спијат во близина на лицата на нивните сопственици за разлика од кучињата, што ја зголемува изложеноста на инфекција.