Предложената „Зелена дозвола“, која треба да се одобри на 17 март за послободно движење помеѓу земјите членки на Европската Унија, ќе важи само за оние кои се вакцинирале со вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), пренесува Еуроњуз според извор од ЕУ.
Според информациите на медиумот еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, изјавил дека државите се слободни да ги вакцинираат своите граѓани и со вакцини од други производители, но тие лица нема да добијат посебен сертификат за транспорт доколку вакцината не е од Фајзер/БиоНтек, Астра Зенека, Модерна или Џонсон и Џонсон, единствените четири производители кои имаат добиено дозволи од ЕМА.
Причина за тоа е бидејќи вакцините од неодобрените компании нема да бидат покриени од клаузулата на ЕУ за правна одговорност и контрола на квалитет.
Таканаречениот „Ковид пасош“ ќе биде ограничен до крајот на Ковид-19 пандемијата, објаснува извор од ЕУ, додавајќи дека тестирањата и карантините ќе продолжат да се користат при движењето на населението. Според него вакцинациите нема да бидат предуслов за слободно движење низ земјите членки на ЕУ.
Овој сертификат треба да биде достапен во книжна и во дигитална форма. Според еврокомесарот Рејндерс заштитата на личните податоци и можната дискриминација остануваат клучни стравувања на Европската Комисија која работи на предлогот за „Зелените дозволи“.
Претседателската на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, изјави дека овие дозволи технички ќе може да бидат развиени за три месеци и во нив ќе има податоци кои ќе покажуваат дали лицето е вакцинирано, дали имало негативен тест или има развиено имунитет откако го има прележано вирусот.
Овој документ треба да го олесни авионскиот транспорт и да помогне на туризмот во пресрет на летната сезона, еден од најпогодените сектори од пандемијата.
Овој план го поддржуваат јужните членки на ЕУ, кои се зависни од туризмот, како Грција, Шпанија и Португалија, додека северните држави, како Германија, имаат сомнежи околу тоа дали овој процес практично може да профункционира.