„Козметички третман на велосипед“ – бесплатна работилница како најава за фестивалот „Недела на дизајн“

На 14 септември во просториите на „Јавна соба“ ќе се одржи бесплатната работилница насловена „Козметички третман на велосипед“ со што се најавува новото издание на фестивалот „Недела на дизајн“.

„Велосипедистите кои сакаат да им дадат козметички третман на своите нови или постари велосипеди и на тој начин да ја подобрат видливоста во сообраќајот можат да ја посетат оваа необична работилница и да си заминат со уникатен дизајн на велосипед. Идејата на работилницата ‘Козметички третман на велосипед’, е да истражи дел од бесконечните можности за надградба на дизајнот и естетиката на велосипедот“, велат организаторите.

За третманот ќе се погрижат тату артистите: Ертунч Сали, Сања Симоска и Браникца Јордановска. Сите заинтересирани за овој третман може да се пријават на info@publicroom.org

Партнер на работилницата е Стопанска Банка Скопје.

„Недела на дизајн” во Скопје е фестивал кој со години го третира индустрискиот дизајн, ќе се одвива од 6. до 10. ноември во Мала Станица, Јавна соба и во книжарницата Литература во Дајмонд Мол. Годинава тој ќе се одржи под мотото „За новата генерација на Скопје!“.