Кралев: Потребно е ревидирање на слабостите на Болоњскиот систем

Слабостите кои се покажаа во образовниот систем, како прашањето дали Болоња нуди доволно квалитет од аспект на стекнување знаење на студентите, не треба да се отвораат само во контекст на Болоњскиот систем, туку постојано и од аспект на нашето образовен систем, порача министерот за образование и наука, Панче Кралев.

Фото: МИА

Фото: МИА

На прославата на денот на високото образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, тој истакна дека Македонија треба да ги задржи предностите од Болоњскиот систем, но истиот треба да се прилагоди во локалните рамки.

„Позитивна работа на Болоња која е препознатлив знак на самиот систем е проодноста или мобилноста што тој ја нуди, односно можноста за студирање на еден универзитет и префрлање на друг, препознавање на студските програми и предметите. Многу е важно да биде зачувана таа проодност, со цел студентите да ги користат бенефитите во иднина.Треба да се задржат предностите на Болоња, а фокусот да биде на слабостите кои некои европски земји веќе ги идентификуваа и преземаат чекори за нивно надминување. Дел од измените кои се направени врз основа на Болоњскиот систем се веќе вметнати во Законот, односно правниот дел веќе е законски регулиран“, рече Кралев.

Според него позитивна работа од Болоња е проодноста или мобилноста што тој ја нуди, односно можноста за студирање на еден универзитет и префрлање на друг, препознавање на студиските програми и предметите.

Ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, исто така смета дека треба да се направи ревизија на одредени сегменти на Болоњскиот систем. Според него, повеќе професори ја истакнале потребата од дискусија за евентуално враќање на завршниот усен испит за проверка на знаењето на студентите, како еден од начините за подобрување на функционалноста на Болоњскиот систем.

„Се поставува прашање за одделни сегменти од Болоњската декларација, но не може да се каже дека Болоња е процес што воопшто не функционира. Придобивка на овој систем е токму усогласување на регулираните професии, каде што спаѓаат медицината, стоматологијата, ветерината, градежништвото, на ниво на Европската унија. Со помош на овој систем и со одделени проекти се изготви рамка на квалификации, што значи дека сите студенти кои студираат по Болоњскиот систем, покрај дипломата добиваат и додаток на дипломата со кој ќе бидат препознатливи на пазарот на трудот во Европа“, рече Стојковски.

Тој додаде дека според директивата на Европската унија, посебни услови за студирање и за дипломирање во рамки на Болоњскиот процес важат за регулираните професии, кои треба да бидат регулирани со посебен закон, за дипломираните да можат да работат во друга држава, од онаа каде што ја стекнале дипломата.

Министерот Кралев очекува регулираните професии да бидат посебно дефинирани во Законот за високо образование и во контекст на Болоња да ја задржат мобилноста и можноста за проодност.

К.О.