Заедничката изложба на Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов, насловена „Кралица на Нешто/Queen of something“ ќе се отвори утре, во петок на 17 март.
Со почеток во 19 часот, во студиото „PrivatePrint“, посетителите ќе имаат можност да ја проследат изложбата што ги истражува идентитетот и припаѓањето на крајот на светот, така што приказната следи една кралица која го набљудува валканиот постчовечки пејзаж и плаче над своето кафе.
Уметниците истакнуваат дека концептот на „кралица“ широко се популаризираше и демократизираше на социјалните медиуми во последните години; секој може (и треба) да биде кралица ако сака, без да мора да се објаснува – инстант и бесплатно.
„Оваа инсталација, базирана на истоимената поема од Заревска, се однесува на осаменоста на постоењето во свет каде човештвото изумрело, а кралицата е оставена сама да размислува за своето постоење. Во поемата, кралицата е соочена со различни предмети и суштества кои ги претставуваат различните аспекти на нејзиниот идентитет, но и нејзината професионална појава, бидејќи сепак – таа случајно е извршна директорка на компанија за производство на поезија на крајот на светот“, велат авторите.
Тие дополнуваат дека истовремено, Десподов ја гради инфраструктурата која ја дефинира но и ограничува „Кралицата на Нешто“, опкружувајќи ја со објекти кои ја компромитираат нејзината суштина, правејќи ја парадоксална и очајна, но истовремено и прекрасна и полна со надеж.
Изложбата претставува е заедничка продукција меѓу Факултетот за уметности при Техничкиот универзитет во Брно и Приватен Принт од Скопје. И двајцата уметници имаат соработувано со студиото „PrivatePrint“ на други свои проекти: Заревска со книгата “The Curatables” (ко-авторки со Јасна Димитровска) од 2018, а Десподов со SKIP AD од 2021 година.
Ѓорѓи Десподов (р. 1996, во Прилеп) е мултидисциплинарен уметник, чијшто пракса е фокусирана на дизајн и експериментирање со 3Д визуели и илустрација. Дипломирал а на Националната академија за уметности во Софија, Бугарија. За своите дизајни користи секојдневни објекти кои ги става во неочекуван контекст, ги анимира и креира нови наративи. Заинтересиран е за истражување на различни стилови и техники. Во моментов експериментира со својот 3Д аватар и ги истражува можностите на интеракцијата помеѓу физичките и дигиталните околини. Во неговите истражувачки интереси се вклучени и концепти за виртуелна и проширена реалност, употребата на различни дигитални медиуми: илустрација, видео, фотографија и инсталација.
Драгана Заревска (р. 1985 во Кратово) работи со различни медиуми со поезијата како централна точка; од таму отпочнува со градење на наративи на и замислува идни сценарија за работите. Како истражувачка, ја интересира филозофијата на технологијата, иднината на работата, археологијата и фолклорот на иднината, новото нормално итн. Во минатото гостувала како истражувачка и/или уметница во резиденции во SITE (Стокхолм), AIR Krems (Кремс), Ausland (Берлин), Workshop Foundation (Будимпешта), ITD (Загреб), BUDA (Кортрејк), Workspace (Брисел), Les Laboratoires d’Aubervilliers (Париз), WELD (Стокхолм), RISE (Стокхолм), Turkish Cultural Centre (Сараево), Summerhall (Единбург), итн. Тековно е ангажирана во истражувања и предавање на Универзитетот на технологијата во Брно на отсекот за визуелна уметност.