Во рамки на програмата на „Тиквешки гроздобер 2022“, утре, на 10 септември, ќе биде претставена изложбата на фотографии „Кралот Алкохол“ од Соња Ставрова.
Изложбата ќе биде отворена во 11 часот претпладне, во кавадаречкото кафуле „Брик Бар“.
Уметницата пишува дека изложбата претставува фото-документарен проект кој вклучува визуелна изложба на фотографии, прикажувајќи го традиционалниот кафански живот во Тиквешкиот регион, со фокус на градот Кавадарци. Дополнително, изложбата се потпира на мотиви од романот „Џон Барликорн“ (1913) од Џек Лондон.
„Дејството на документарните фотографии се одвива во урбана средина, кафана, која фото-субјектите ја доживуваат како свој прв или втор дом, место каде ‘си ја олеснуваат душата’, простор во кој ги раскажуваат своите најинтимни доживувања, радости и несреќи. Преку атмосферата во кафаната ќе се прикаже тој традиционален момент на спојување на повеќе луѓе на едно место каде генералната атмосфера поведува кон консумирање алкохол“, нагласува Ставрова.
Таа истакнува дека фотографиите доловуваат остра и апсолутна сцена, па секој фактор, телесен, ментален, социјален и духовен ќе биде одблиску прикажан.
„Фотографијата ќе биде само визуелен сведок за случувањата. Дејствието ќе биде прикажано со исплетен благ хумор и иронија, преку кои ќе се разобличат разни политички, социјални и морални вредности. Главните ликови ќе бидат луѓе од секојдневието, чии анонимни животни драми ќе бидат уметнички обработени и преку нив ќе биде претставена градската атмосфера и менталитетот. Надоврзани портрети на ‘домашните’ гости на кафаната ќе зборуваат за традицијата на градот“, заклучува Ставрова.
Проектот е поддржан од Општина Кавадарци и Министерство за култура на Република Северна Македонија.