Kратки хорор раскази на Ѓелески и изложба на Аврамоски во МКЦ

Збирката кратки хорор-раскази „Морбидизам“ од Златко Ѓелески ќе биде промовирана вечерва во 20 часот, пред киното „Фросина“ во Скопје. Ќе бидат поставени и слики и цртежи под наслов „Kреатури на смртта“ од Игор Аврамоски, изложба што ќе биде отворена два дена. Промотивната цена на „Морбидизам“ изнесува 150 денари. Со првите 50 примероци следува аудиодиск со раскази во интерпретација на авторот.

Двата настана ги обединува името „Заробувачи на смртта“.

Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар, роден на 9 февруари 1986 година во Битола. Основно и средно училиште има завршено во Кичево, а дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година. Живее во Скопје. Тој активно работи за промовирање на хорор културата во Македонија, автор, уредник и издавач е на хорор списанието „Кошмар“ од 2008 година до денес. Тој е дел од водителската екипа на радиоемисијата „Dance Macabre“ на Канал 103. Тој има објавено голем број на филмски рецензии во неколку магазини и е уредник на веб страната movies.mk и има објавено неколку музички рецензии на plagij.at. Toj e еден од организаторите на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“. „Морбидизам“ е неговата прва збирка на раскази. Во подготовка е неговата втора збирка наречена: „Колекционер на страв“.

Изложбата на слики и цртежи „Креатури на смртта“ се состои од четири циклуси посветени на раѓањето, создавањето, умирањето и повторното раѓање на смртта. Аврамоски Игор успева да ја зароби вечната мистерија на сликарското платно, да му даде живот на умирањето и да ги долови сите фази на декомпозицијата на непостоењето.

Игор Аврамоски е млад уметник, роден 1993 година во Кичево. Во 2012 почна да студира на лЛиковната академија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот Ликовна педагогија.

Извор: Cooltura.mk