Кусометажниот филм „Четврток“ од Милчо Манчевски ќе се прикажува на италијанската национална телевизија (RAI) во рамките на RAI Movie (телевизиски канал посветен на кинематографската уметност). Проекцијата ќе биде во рамките на емисија посветена на јубилејното, 70 издание на филмскиот фестивал во Венеција.
„Четврток“ ја доживее светската премиера на отварањето на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција на 28-ми овој месец. Овогодишното, јубилејно, 70-то издание на фестивалот се отвори со двојна проекција: по проекцијата на филмот „Gravity“ на Алфонсо Куарон беше прикажан специјалниот проект „Future Reloaded“ во рамките на кој е вклопен и „Четврток“ на Манчевски.
Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата глумица Лора Ласи. Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и претставува американска продукција.
„Future Reloaded“ е специјален проект посветен на јубилејот на фестивалот. На тема „Иднината на кинематографијата“ Директорот на Фестивалот Алберто Барбера упати ексклузивна покана до режисери кои оставиле трага на фестивалот и на светската кинематографија, но и до неколку млади автори од идните генерации. Покрај Манчевски, со свои филмови се претставуваат и Бернардо Бертолучи, Ким Ки-Дук, Пол Шредер, Абас Киаростами, Валтер Салјес, Монте Хелман, Катарин Бреја, Клер Дени, Атом Егојан, Џејмс Франко, Ермано Олми, Амос Гитај, Жан-Мари Штрауб, Тод Солонц и други.
Само неколку од 70-те кусометражни филмови се oдбрани за прикажување на RAI.
По премиерата „Четврток“ беше поставен на веб-страницата на Манчевски и на Jутјуб, каде го видоа 15.000 гледачи за само три дена. По завршувањето на фестивалот, ќе биде поставен и на официјалниот вебсајт на фестивалот.
Манчевски го освои „Златниот лав“ за најдобар филм во Венеција во 1994 за „Пред дождот“, кога освои уште девет други награди, а неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот во 2001. Во Венеција подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“ насловена така според мотото на филмот „Пред дождот“.
Извор: Cooltura.mk