*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески.
Јован Јованов – Џеј-Џеј, е еден од најпознатите македонски поп-пејачи од претходните децении, чија музика успеваше да направи „магија“ во ноќните клубови. Прославен со своите хитови од музичката група „Магија“, како и своите солистички песни, соработки и компонирање песни за други пејачи, тој ја „преселува“ својата слава во Канада каде што продолжува да ја надградува својата пасија кон музиката додавајќи ѝ светски звук.
Во една од Вашите изјави, сте споделиле дека отсекогаш Ви било сон да живеете во Америка / Канада и таму да се занимавате со музика. Дали сега се чувствувате задоволен и горд на самиот себеси, живеејќи го „канадскиот сон“ и дали за Вас беше тежок патот до успехот?
Точно. На многу наврати сум го спомнал тоа. Отсекогаш сум го сакал светскиот звук и песни и сум сакал да сум дел од тоа. Во Торонто се снајдов добро, го работам тоа што го сакам. Имам и поголеми цели и предизвици и рано е да кажам дека го живеам сонот. Тргнат сум по патот, но сè уште има многу до целта.
Дали сè уште соработувате со македонски изведувачи? Дали компонирате песни за нив?
Сите македонски изведувачи ми се драги и со поголемиот дел од нив сум во контакт. За жал, не правам песни за македонската естрада. По некоја, од време – на време, се случува, но не сум посветен и застапен како порано.
Според Вас, која е причината за падот на популарноста на македонската музичка сцена?
Веројатно дека јас заминав? Хахаха, се шегувам. Не можам да кажам дека паднала или да осудувам што се случило. Македонија не може да има јака естрада зашто публиката е лимитирана, финансиските средства се лимитирани, мал број на места за концерти и настапи од каде изведувачите би направиле финансии. Говорното подрачје го прави своето. Доколку пеете на јазик што многу држави го зборуваат, ќе имате поголеми шанси за поголем успех.
Авторка: Јована Трајковска