Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола е карактеристичен по тоа што е приспособен за студенти со атипичен развој. Реализацијата на овој проект, кој е помогнат од Министерството за локална самоуправа и амбасадата на Швајцарија кај нас, има посебно значење бидејќи претставува директен показател за тоа дека регионалните форуми во Пелагонискиот регион, поддржани од Проектот за Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој се успешна алатка за идентификација на регионални проекти кои се одраз на вистинската потреба на регионот, но и платформа за промовирање и унапредување на регионалниот развој. Разговаравме со Соња Карапец, директорката на Студентскиот дом, којашто рече дека лицата со атипичен развој побрзо нè прифаќаат, но да се научиме ние да ги прифатиме е поспориот дел во оваа инклузивно општество.
Како настана идејата Студентскиот дом „Кочо Рацин“ да биде приспособен за студенти со атипичен развој и од кога постои?
Пред да дојдам на местото директор во Студентскиот дом, имав 23 години работно искуство со деца со посебни образовни потреби, како стручен соработник, педагог, во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас ‘Кочо Рацин’ – Битола. Оваа тема ми е блиска и ја познавам. Кога дојдов како директор, заедно со студентите направивме неколку посети и дружења со децата од Заводот. Сакав да направам нешто околу условите за сместување на студенти со атипичен развој и таа можност ми се даде кога имаше отворена пријава за аплицирање на проекти на оваа тема од страна на Центарот за развој на Пелагониски плански регион. Финансиер на проектот беше швајцарската амбасада. Од апликанти од целиот Пелагониски регион, тие го одбраа нашиот проект.
Дали освен сместување, студентскиот дом нуди и друг вид поддршка за овие лица?
Поради пандемијата, ги стопиравме активностите кои ги планиравме со Советот на станари, а тоа се:
- Работилници за учење на дактилологијата (прстна азбука) и основни поими за комуникација со гестовен говор – во организација на студентите од Студентскиот дом и децата од Заводот.
- Подготовка на мала театарска претстава во која ќе бидат вклучени студенти и лица со оштетен слух, Даунов синдром и други, во организација на Интимен театар – Битола
- Обезбедување на индивидуална и семејна психотерапија и советување за децата со посебни потреби и нивните семејства – во организација на „Кредо“ Центар – УКЛО.
Колкава е заинтересираноста на студентите со атипичен развој да бидат сместени таму?
За жал, оваа година не се пријавија студенти со атипичен развој, но кога ги имаш условите и можностите за сместување, се надеваме дека тоа ќе биде дополнителен поттик за нивно запишување на некој од факултетите во Битола. Се надевам дека ситуацијата со пандемијата ќе се смири и дека студентскиот двор, во април и мај, на отворено, ќе го искористиме и ќе можеме да организираме дел од планираните активности.
Автор: Кристијан Трајчов
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески