Вистински уметник, кога станува збор за слободата во творењето, изразувањето и целокупното однесување. Покрај тоа што е уметник, Љубе Алексовски многумина низ нашата држава го знаат како професор, а кој е всушнист тој, ќе ни каже самиот Љубеизам.
Професоре, многумина Ве знаат по надимакот Љубеизам. Што значи тој? А дополнително, кажете ни и која беше Вашата прва поголема изложба и што следуваше по неа?
Надимакот „Љубеизам“ го добив во далечната ’81 година, кога бев студент во втора година на Виша педагошка, во групата на Ванчо Ѓеоргиевски. Тој погледна во моите дела, а кога го прашав: „Професоре некои корекции?, тој ми возврати: „Ха! Љубеизам! Терај си по свое!“. По завршувањето на Виша педагошка, јас бев првиот што фотокопирав или сега ги нарекуваат принтови, фотокопии црно-бели од фотографии, скици итн. и направив фотографика-алтернативна во Битола, Куманово и во Скопје и сите се чудеа што е ова сега. Да, тоа беше графика, но на нов начин, не во класичен стил со линорез, дрворез… Кога дојде време, во ’91-та, кога дојдов како професор во Струга, тие графики алтернативи коишто беа црно–бели, јас само ги доработив со боја и испаднаа доработени графики во колор, но не беа принтови.
Каква година беше 2021-та за Вас и какви активности имавте и што следно планирате да направите?
– Почнувајки од ’81-та, па сè до ден денешен, според списокот кој педантно го водам и поткрепен со фотографии и видео-записи, имам над 150-160, да не речам „300“ активности. Кои успешни, кои помалку успешни, но како и да е ликовни активности. Во 2021, симболично со годината јас направив 21 активност. Првата активност беше по повод Денот на волонтерите, каде што подарив 4-5 слики на тие што дојдоа да ми го честитаат Денот. А потоа следеа и другите, како: „Бели слики“ во кафeаната „Чоканче“, Трговски центар „Аквариус“ покрај реката Вардар, „Камен и вода“ во Катланово, „Алфа и омега“ во Скопје, „Магна матер“ во Кичево, „Патрија“ во Куманово, „Дримколски бисер или срма“ во Делчево… И после тоа, уште едно чудо еднодневни изложби каде што на гостите кои не беа во можност поради пандемијата и прописите да доаѓаат на изложби, јас им ги носев до врата. Доаѓаа, гледаа, одбираа, земаа, се радуваа…
На колективните изложби кои ги организираат во „Кора“ – Дом на работните градежници сум учествувал на многу, меѓу кои и на таа на 12 февруари, под наслов „Светското танго“, каде што изложив две мои творби, коишто се на медијапан, најден покрај контејнер, рециклиран, па од ѓубре направив слики.
Кој е Вашиот стил на сликање, односно како Ви доаѓаат идеите? Што би им порачале на младите уметници?
– Омаж, на парчиња големи хамери. Колаж, сите сме учеле во осмолетка и средно. Сечено-лепено, фотографија, скица и слично. Јас направив евтини слики. Всушност јас не користев платно, не користев маслени бои, не користев ништо класично, но, во пандемијата го задржав духот на уметноста. Како ми доааѓат идеите? Многу едноставно. Треба да си доволно будала, во заграда читајте (начитан), за да те интересира Атлантида, да те интересираат старите народи, да те интересираат светите книги и на крај, не мора да плачеме ние за пандемијата. Пандемијата кого го закачила – нека му е лесна земја, кого не, да е жив и здрав, но, моите слики изобилуваат со радост, со веселост што сум жив и здрав, а и моите гледачи, и сега што читаат читатели, да се живи и здрави и да се радуваат на моите дела.
Како и да е, во Охридско-Струшкиот Регион сум познат по тоа што направив еко-арт сплав. Три години по три месеци јас живеев на него, јадев, пиев и се дружев, сликав, мачкав, па и сликите кога беа готови беа по Охрид, Струга, Поградец, сè со една цел – да се покаже дека може еколошки, т.е. да го заштитиме Езерото, да се живее, да се постои и да се рекламира уметноста.
Препорака моја како пензионер со 40-годишен работен стаж до младите колеги кои сега работат разно-разни техники со разно-разни технологии, не мислете му ја многу што ќе насликате, т.е. што ќе направите и дали ќе продадете. Размислете си во постсвеста што ве копка, што ве нервира, што ве радува, па обидете се тоа да го прикажете на свој начин и имајте храброст тоа да го споделите по некои изложби и настани. Не мора да е по изложби како што рековме, нека е на кеј на Вардар, нека поминат случајни патници, нека погледаат и нека кажат „Еј, браво, алал да ти е!“. Значи дојдено е време кога уметноста, не е битно дали е масло на платно и не знам каков формат, битна е идејата, а идејата треба да биде позитивна.
автор: Даниел Шикоски
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески