Анастасија Спасова и Лазар Симонов се студенти на Факултетите за правни и економски студии, на државниот УКИМ. И двајцата ги прашавме што мислат дека треба да се подобри во нашиот образовен, студентски систем, со тоа што ни ги посочија слабостите кои мислат дека најмногу се проблематични, но и раскажаа за живеењето како студент за време на пандемија
Колку финансиски средства се неопходни за еден студент во тек на еден месец?
Анастасија – Многу поедноставно би било да се даде одговор на ова прашање доколку сите студенти ги имаа истите потреби. Благодарение на ова време денес, кое е време на онлајн-предавања, студентите имаат предност својата настава да ја слушаат од својот дом. Со ова се намалуваат трошоците за престој во друг град. Но, оваа ситуација не за сите студенти е иста. Некои од нас се обврзани и во време на пандемија своите предавања да ги следат со физичко присуство, а притоа испитите да ги полагаат на истиот начин. Бидејќи немаат друг избор, нивниот расход на месечно ниво се зголемува, со тоа што се потребни парични средства за храна, станарина, превоз… Според мене, најдоброто за еден студент е да престојува во студентски дом, затоа што овде горе-долу ги има истите услови како дома, само на еден поедноставен начин. Секако освен желба, потребни се и пари.
Лазар – Од мое лично искуство финансиски средства кои ми се потребни за да го поминам месецот, во тоа вклучувајќи храна, пијалак и секако одредени мали непланирани трошоци, сето тоа би го заокружил на 6.000 денари.
Kаква реформа недостасува во нашиот студентски образовен систем?
Анастасија – Неминовно е тоа што на скоро сите студенти ни недостасува повеќе пракса. Мислам дека барем дел од студентите би се согласиле со мене. Премногу теорија, а премалку пракса. Секако, ова не се однесува за сите факултети. За некој што после неколку години се гледа на работно место кое бара брзина, умешност и добар рефлекс треба да се соочи со својата струка на почетокот на своето образование.
Лазар – Во нашиот студентски образовен систем има големи недостатоци тоа може јасно да го видам доколку би направил споредба со останатите држави. Реформа која би се унапредила е давањето поголема автономија на студентот и негово инволвирање во студентските окрузи која поради Ковид-19 сè повеќе се ограничи.
Што мислите вие дека треба да се смени во студентскиот образовен систем?
Анастасија – Најточниот одговор за ова прашање е бесплатни книги за сите студенти и бесплатно образование за студентите кои ја немаат можноста да го платат.
Лазар – Со оглед на фактот што нашите универзитети секоја година добиваат полоша критика, промената е очигледна, мој предлог е да се подобрат самите услови односно да се реновираат универзитетите и студентските домови и исто така да се подобри комуникацијата помеѓу факултетите и студентите.
авторка: Марија Лападатовиќ
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески