Младиот и успешен актер Илија Волчески, чиј виртуозен талент за глума е веќе добро познат на македонската публика, долго време е дел од прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински”. Неговата позитивна енергија помешана со огромен број желби и мечти резултира со значителен раст и развој на неговата кариера. Со него разговараме за тоа како напредува неговата актерска кариера и што очекува од иднината.
Од каде потекнува твојата желба и приврзаност кон глумењето?
Прв пат влегов во театар за да гледам театарска претстава кога бев во претшколска возраст. Кога се затемни салата имаше ефект на грмотевица и јас многу се исплашив. Ја фатив наставничката силно за раката и ѝ реков да не ме пушта. Само по неколку месеци после ова веќе бев на другата страна, на сцената. И покрај стравот бев љубопитен како е на другата страна, па имаше аудиција за претставата „Оливер Твист“, моите родители ја забележаа љубопитноста и еве сум сега – актер.
Си одиграл многу ликови кои оставиле одреден белег врз твојата кариера. Која улога ти оставила најголем впечаток, а која сметаш дека била твој најголем успех?
Да бидам искрен, никогаш, барем досега, не сум почувствувал дека некоја улога е помалку важна од некоја друга, без разлика дали е главна или споредна. Најголем впечаток ми оставиле улогите во претставите „Оливер Твист“ и „Швејк во Втората светска војна“. Првата затоа што прв пат сум се појавил на сцена, втората затоа што ми е прва претстава по запишувањето на ФДУ. Успехот е релативна работа и нема критериуми, па затоа за тоа нема да одвојам ниту една претстава.
Какви се твоите желби и цели за во иднина? Дали размислуваш да навлезеш подлабоко во филмската индустрија или повеќе би сакал да си дел од театарот?
Желби колку што сакате, па затоа секоја шанса гледам да ја искористам најдобро што можам, за да ми се остварат желбите. За на пократки стази си поставувам помали цели, а нормално дека имам и високи и големи цели. Имам многу амбиција и мотив за работа. Ги сакам и театарот и филмот. И двете си имаат позитивни страни. Само да ме служи желбата и здравјето.
Симона Паскоска
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески.