„Stoned Hedge“ е алтернативна рок-група од Тетово која прв пат се формираше во 2019. До сега имаат настапувано на многу места во локалите низ Македонија, како и на бројни вечери посветени на музиката и културата, со успешни исходи и голема прифатеност од публиката. Како дел од активната музичка сцена во Македонија, оваа година тие се одлучија да промовираат и своја авторска музика. Разговараме со вокалистката на бендот – Ангела Мариновска, која е и текстописец на некои од песните.
Што е најважното што треба да поседува еден бенд? Дали „Stoned Hedge“, според тебе ги има наведените карактеристики?
Сметам дека хемијата и довербата меѓу членовите е најважна. Секој бенд би требалo да го поседува тоа. Сите сме пријатели во приватниот живот, а пробите ни поминуваат во многу смеење и со многу музика. Бендот го претворивме во мелодичен вентил на идеи. Секој има право да се изрази, а потоа заедно формираме целина. Не треба да имаш сомнежи во останатите, бидејќи крајниот продукт е резултат на заедничкиот, наш спој. Сметам дека „Stoned Hedge“ функционира благодарение на разбирањето и ги поседува сите нешта што би сакала да се вклучени во кој било бенд.
Која е најдобрата, а која најлошата страна за тебе при интензивен настап на сцена?
Секој настап на сцена е посебен самиот по себе. Секогаш има различна енергија која поттикнува изобилство различни емоции. Најдобрата страна додека пеам е што можам да притискам на нови копчиња кои ми будат емоции и мисли што не ги чувствувам или размислувам вообичаено. Кога правиш нешто што го сакаш е убаво, кога и на другите им се допаѓа истото, тогаш е вистинско и убаво. Нема за што да се пожалам, дури и кога сум изморена се радувам што сум таму.
Моментално го снимате вашиот прв албум. Што e поголем предизвик, подготовките за албумот или самото снимање, конкретно за тебе и прв пат во професионално студио за снимање ?
Според мене, подготовките се развиваа на мошне чуден начин . Како да земеш четири различни луѓе и да пробаш да го издвоиш и извлечеш најдоброто од секој за потоа да креираш еден перфектен човек. Снимањето ми беше малку тешко на почетокот, сепак е прво искуство и се чувствував малку несигурно. Благодарение на атмосферата и соработката во студио полно уметници, се прилагодив за се да излезе супер на крај. Се надевам на уште подобар исход од следните снимања.
Ангела Бошкоска
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески