Миле Јанкулоски е студент, активист и член на колективот Социјалниот Центар „Дуња“, кој оперира веќе повеќе од четири години во Скопје. Повеќе за центарот и своите лични искуства со активизмот ни раскажува Миле во следниот разговор.
Што е Социјалниот центар „Дуња“ и што претставува тој за тебе?
Социјалниот центар Дуња е солидарен и отворен простор каде се негува култура на отпор кон неолиберализмот, што преку економската нееднаквост создава доминација во меѓучовечките односи преведени во форма на авторитарен капиталистички систем. Настаните кои се организираат во социјалниот центар се некомерцијални, а спектарот на настани и иницијативи е широк, меѓу кои: изложби, филмски проекции, дебати, работилници, концерти, предавања, промоции, театарски претстави, состаноци… Сите оние кои не согласуваат со вредносниот систем на општеството каде што живееме, и сакаат да направат значителни промени во истото се добредојдени. Жолтата куќа за мене претставува местото каде се негува антикапиталистичкиот отпор и каде што се обидуваме да ја вратиме заборавената солидарност меѓу луѓето.
Зошто, според тебе, ни се потребни социјални центри во нашето општество?
Според мене социјалните центри се потребни од повеќе причини, како на пример, развој на борбата за еднаквост, другарството, социјалната правда, солидарноста, родовата рамноправност, заедништвото, колективната свест, отпорот, критичката мисла и борбата против капиталистичкото општество. За да се исполни горенаведеното, мора социјалните центри од овој тип да бидат автономни, што значи самоуправувани од колективите (активистите) во нив и самоодржливи.
Кој ти е најдраго сеќавање од активистичките денови со С.Ц. „Дуња“?
Кога ги изработувавме транспарентите и платната, и учествувавме на протестите за чист воздух организирани од македонскиот огранок на Fridays For Future на крајот од 2019-та и почетокот од 2020 година. Во еден момент кога одевме на еден од маршевите, ненадејно сретнавме големи групи од средношколци и студенти кои веќе маршираа на улиците уште пред почетокот на протестот и вон планираната рута, им се приклучивме извикувајќи пароли. На овие протести учествуваа илјадници критички настроени млади луѓе кои се бореа за својата иднина. Цело Скопје беше блокирано, токму овој факт го прави овој протест еден од повозбудливите протести.
Борјан Гаговски
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески