Харис Ајрулахи е музичар кој пред шест години се пресели во Германија каде моментално работи и студира. Тој се бави со музика уште од мали години. Денес е сопственик на аудиовизуелна продукциска компанија, и е член и на две музички групи – Cirka и Alkemie со кои има освоено голем број награди. Со нас го сподели своето искуство и разликите што го доживеал како музичар во Македонија и во Германија.
Како се одлучи да се посветиш на музиката и што претставува таа за тебе?
Како мал имав многу проблеми да се изразам. Ми беше тешко бидејќи потекнувам од албанско семејство, а растев во Македонија. Истовремено в глава имав два јазика и не знаев како да се изразам. Се плашев дека луѓето погрешно ќе ме разбираат. Со музиката беше поразлично. Како мал, почнав да свирам различни жанрови, панк, реге… Музиката беше поуниверзална, луѓето се разбираа како што треба, а го немаше јазикот. Тоа за мене беше како излез. Но исто така и моите дома беа музичари па немав баш многу избор. Тоа мислам дека е потеклото на мојот интерес во музиката, и за мене и така остана, музиката ми беше и остана начин за комуникација со луѓето.
Пред шест години се пресели во Германија, која разлика ја гледаш кај себе и во твојата музика оттогаш?
Музицирањето во Македонија ми беше послободно, пооргански. Таму немав некој притисок или огромни планови туку само создавав. Тука, во Германија, секоја работа или идеја мора да има план и цел. Песните ни се завршени и аплаудирани уште од септември, а ќе се издаваат до јуни на точни датуми. За мене тоа носи сигурност, сè е финално, а истовремено губам контрола како уметник. Но, мислам дека тоа ми требаше бидејќи никогаш не би издал нешто со коешто не сум целосно задоволен. Втората разлика е што во Македонија и после 11 години музичко образование, луѓето не ја сфаќаа професијата сериозно. Тоа ми беше најголемиот проблем како човек. Со години се трудиш, учиш, вежбаш, работиш и после секој ќе каже „Да бе музичар, што е тоа… три акорди“. Тоа има психолошко влијание, не знаев дали е точно тоа што го правам, дали воопшто е битно.
Како посветен уметник, дали би одлучил да се вратиш во Македонија и зошто да/не? Дали има нешто што добиваш таму што можеби тука ти недостасувало?
Јас многу би сакал да се вратам во Македонија и да свирам во мојот град. Градот имал најголемо влијание врз мене музички и целата инспирација ја црпев од него. Би се вратил, но не засекогаш. Не можам ни да помислам да останам некаде подолго време. Но, има нешто што тука добивам што ми недостасуваше во Македонија. Мислам дека тоа е поддршката. Тука државата, општеството и луѓето ја поддржуваат културата, во секој поглед. Има голем број инситуции кои помагаат на уметници и музичари, кои и им издаваат студија и простори за поевтино. Порано кога работев во Македонија, исто имаше некои субвенции од министерството за култура, но тоа беше смешно. Не беше воопшто сериозно и гледав како секоја мала поддршка се злоупотребуваше од секого.
Филипа Сара П.
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески