[Кратко, ем јасно] Таутовиќ и Стојанов: Контактна емисија – збир од непријатности или пак еден огромен предизвик?

Тина Таутовиќ и Теодор Стојанов се двајца познати водители коишто ја водат контактната емисија на телевизија Телма насловена под името „Црвена линија“.

Тина како веќе долгогодишна и искусна водителка на повеќе контактни емисии, а Тео како ново младо ТВ-лице кое умешно ја гради својата кариера. Тандем од двајца прекрасни и позитивни личности, кои успеваат да се приспособат на моментот и истовремено да уживаат во него.

Контактната емисија нуди големи предизвици (неочекувани, но и понекогаш непријатни одговори). Како се справувате со нив во самиот момент? 

Тина: Јас откако знам за себе сѐ што сум работела било во живо без шанса да се наместиш, повториш при грешка, моментот е сега. Тоа од мој агол е најголем предизвик, адреналинот и менталната активност ти се на најјако. Токму поради тоа за мене е и подобро за еден водител да биде ставен в оган. Така, тоа што го гледате е максимум на еден водител. Што се однесува до непријатните случки, тоа е и очекувано затоа мора постојано да си на готово, но не и да го изгубиш професионализмот, шармот и фокусот.

Тео: Иако, да – самата емисија што е контактна си е предизвик, јас не го гледам тоа како потешкотија, сепак лично јас многу се забавувам со сето ова мое ново искуство и не ми претставува проблем со соодветен одговор да им вратам ако дојде до непосакуван момент.

На кратко, посочете ни еден интересен, но и еден „непријатен“ момент од емисиите: 

Тина: Фала Богу, до сега не сме имале непријатност што се однесува до гледачите која била навистина непријатна, а и да стане вон рамките на пристојниот говор, алудирање на насилство, навреди… кај нас веднаш се вклучува „Црвената линија“ :). Јас што би издвоила е можеби непријатност која е врзана повеќе зад камерите, а тоа е нешто како снемува интернет, ти снемува лист, такви експресни маневри за справување со ситуација. Ние како емисија сме насочени исклучиво кон актуелни настани, па неретко темата може да се смени и пред да изговориме: „Драги гледачи…“ :)

Тео: Секоја епизода си има свои интересни моменти, но кога сме кај „непријатните“, почести се во пределот на политичките теми. Кога ќе ги поставиме, гледачите со голема страст си ја бранат својата страна и секако, ние како медиум им го почитуваме ставот.

За крај, како успевате да ја задржите сета позитивна енергија во текот на сите емисии коишто сте ги имале досега? Која е тајната? 

Тина: Па искрено, јас и Тео сме тоа што сме – позитивни сме и кога не сме на програма. Така што, што се однесува до нас, ние сме еден позитивен тандем кој единствено се обидува да биде негативен само кога се тестира за Ковид. :)

Тео: Според мене, „тајната“ можеби ќе звучи клише, но најважна е хемијата и секако дружбата, не само со мојата ководителка Тина, туку и со целата екипа на „Црвена линија“.

авторка – Мила Тодоровска


*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески