Програмата „Креативна Европа” на Европската унија, наменета за културните и креативни сектори, станува достапна и за проекти од Македонија, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Договорот денеска го потпишаа амбасадорот во Мисијата на Република Македонија при ЕУ, Андреј Лепавцов и Јан Трушчински, генерален директор во Генералниот директорат за образование и култура на Европската Комисија.
„Креативна Европа” е нова програма на Унијата наменета за културните и креативните сектори во Европа, усвоена од Советот на Унијата на 5 декември минатата година и се однесува на периодот од 2014 до 2020 година. Во стратешка и политичка смисла, оваа програма произлегува од актуелните политики на ЕУ како што се „Стратегијата 2020” и Лисабонската стратегија. Концептуално, новата програма се базира врз позитивните искуства на трите програми: култура, медија и медија мундус (од 2007 до 2013 година), кои редизајнирани се присоединети во новата програма.
Буџетот на новата програма на ЕУ изнесува 1,5 милијарди евра за период од седум години, а овие средства се наменети за аудиовизуениот сектор (потпрограма “медија”), културните и креативните сектори (потпрограма “култура”), како и за меѓусекторска соработка.
Со потпишувањето на овој Договор, Република Македонија стана полноправен учесник во потпрограмата „Култура на Креативна Европа” од 2014 година, а македонските културни оператори се полноправни корисници на програмата.
Инаку, „Креативна Европа” е централизирана програма на ЕУ и со неа на европско ниво управуваат Европската комисија и Извршната агенција за образование, аудиовизуелна дејност и култура. На национално ниво надлежен орган за спроведување на „Креативна Европа“ останува Министерството за култура.
Денеска договорот го потпиша и Босна и Херцеговина. Пред еден месец пак потпис за влез во европската програма Креативна Европа (Creative Europe), што ќе им овозоможи на уметниците пристап до значајни фондови на Европската унија стави Србија.