На 3 февруари со почеток во 21 часот, во „Менада“ ќе се одржи првиот настан од проектот „Креативна младинска акција“ на студентската организација „Излез“.
На настанот, учесниците во петте работилници (креативно пишување, илустрација, фотографија, филм и перформанс/театар) ќе ги претстават своите први производи, изработени во текот на претходниот семестар.
Програмата вклучува:
– хаику на тема „Јас и градот“;
– инсталација во просторот на тема „Елитен просјак“;
– изложба на фотографии „Просторот и навиките“;
– проекција на филмот „Кутија“;
– сценски перформанс „Танцот на замолчените“.
Проектот „Креативна младинска акција“ има цел да одговори на идентификуваната потреба кај младите за креативно изразување, да направи чекор кон развивање култура на реакција и награѓанска проактивност, која недостасува во нашето општество, особено меѓу студентите и меѓу младите, кои често се критикувани поради нивната пасивност и недоволна бунтовност.
Креативната акција ќе испрати порака дека општествените промени се одговорност на самите граѓани, кои треба постојано да наоѓаат организирани и креативни начини за изразување на својата волја.
Настанот е поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондација Отворено општество – Македонија.