Концептот на работилниците е создаден со цел викендот да биде квалитетно исполнет со продуктивност кај децата, кои со својата креативност создаваат финален производ. Неделата е ден резервиран за семејството, најблиските, оттука и идејата да можеме да креираме квалитетна програма каде сите заедно, но и сите безгрижно, ќе можат да го исполнат неделното попладне, велат од Јавна соба, најавувајќи продуктивно дружење за утре (недела, 21 јануари) во 10 часот.
Работилниците се наменети за деца од 2 до 15 години, а се поделени во неколку активности. „Кулинарска работилница – направи своја паста“ е наменета за деца од 6 до 15 години и се одржува во три термини во текот на денот од по 120 минути. Целта на оваа работилница е да готват со намирници кои често децата не ги сакаат, притоа фокусирајќи се на финалниот резултат – како пастата ќе изгледа, каде мотивацијата ќе биде воведување на нивниот рецепт во редовното мени на Јавна соба.
Втората работилница е насловена како „Работилница за моделирање со Jumping Clay глина“, чија цел е будење на фантазијата и креативноста кај децата од 4 до 15 години. Работат со материјал – посебен тип на глина за моделирање, која е комплетно нетоксична, со мирис на јасмин, мека и со феноменален моделирачки ефект.
Додека третата работилница е „Работилница за дизајн размислување“ за деца од 7 до 13 години, каде во 240 минути децата во еден интензивен мисловен и креативен маратон се предизвикани да работат на дизајн на прототип апликација за мобилен телефон. Овој проект содржи 13 креативни работни листови кои ја развиваат детската имагинација подлабоко од вообичаеното.
Покрај работилниците, се одржува и детското ќоше „Мелиса и Даг“, со кои се развива моториката, чувството и инспирацијата со помош на дрвени играчки. Ова ќоше е резервирано за деца од 2 до 5 години.
Учеството во работилниците може да го пријавите на следниов ЛИНК.