Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска го назначи Кристијан Стаменов кој беше самостоен ЗОО негувател за нов в.д. директор на ЈУ „Зоолошка градина“ на Град Скопје. За негова заменичка е назначена Тина Мицковска која досега беше задолжена за односи со јавност на ЗОО Скопје.
„Главни проекти на кои ќе се насочи новото раководство на Зоолошката градина во Скопје се ревитализирање на сите надворешни живеалишта, изведба на центар за хипорехабилитација на местото на градскиот пајтон, ставање во функција на мултинаменскиот центар со цел едукација на деца од предшколска и школска возраст како и изградба на детски парк. Зоолошката градина во Скопје во соработка со Град Скопје ќе работи и на поставување на обновливи извори на енергија на сите објекти во зоолошката градина“, велат од Град Скопје.
Ваквата одлука доаѓа откако претходниот директор Ѓорги Галетановски вчера поднесе оставка.
Претходно неколку здруженија за заштита на животни ја предложија Мицковска за нова директорка на зоолошката градина.