Неформалната иницијатива Критичко преиспитување на правото, во соработка со ЕРАЗМУС Стратешкото партнерство Гео-филозофија на Балканот, го организира јавниот настан „Мислејќи со Балканот“, каде во дијалог ќе учествуваат Ијан Чејмберс (Ориентале Универзитет) и Боавентура де Соуза Сантош (Универзитетот во Коимбра).
Настанот ќе се одржи на 29 септември, со почеток од 19 и 30 часот, во Националната галерија-Даут Пашин амам.
Обраќањето на Ијан Чемберс, ќе биде фокусиран на политичката и филозофската состојба во Европа, поврзувајќи ја современата “криза“ на миграцијата со хистеричниот изблик на обвинувања за антисемитизам за време на овогодинешното издание на Документа 15 во Касел, Германија.
„Предложувајќи дека историските потфрлања видливи во двата именувани случаи, потребно е длабински да се истражат одново концептите на демократија, слобода и права. Токму затоа што овие историски потфрлања и понатаму продолжуваат да ги врамуваат постоечките критички и културни лексикони, скриено испишувајќи ја европската матрица на третман на Балканот“, велат од Критичко преиспитување на правото.
Обраќањето на Боавентура де Соуза Сантош ќе биде со фокус на градење на когнитивна правда (епистемологии на југот, интеркултурен превод и екологии на знаењето), ќе го адресира монополот на ригорозното западно-центрично знаење, кое придонесе кон уништување на толку многу други форми на знаење кои не одговараат на европските интереси.
„Начинот на кој ова специфично знаење придонесе кон зацврстување на капитализмот, колонијализмот и патријархатот (трите главни форми на современата доминација), го открива линкот помеѓу глобалната социјална неправда и глобалната когнитивна неправда. Универзитетите, за жал, беа главната платформа каде овој линк истовремено беше и продуциран и затскриен. Епистемологиите на југот претставуваат обид да се генерира когнитивна правда како предуслов за социјална правда. Накратко, Сантош ќе ги објасни главните концепти и процедури на тоа што самиот го нарекува епистемологии на југот, меѓу кои се и ‘понорна линија’, ‘социологија на отсуство’, ‘социологија на итност’, ‘интеркултурен превод’ и ‘екологии на знаење’, нагласуваат организаторите.
По дијалогот, ќе следува круг на интервенции од страна на Елизабета Шелева, Славчо Димитров, Стаматиа Портанова и Ивана Драгшиќ, како и кратка сесија со прашања од посетителите.
Боавентура де Соуза Сантош е емеритус професор по Социологија на Универзитетот во Коимбра, а со титулата Distinguished Legal Scholar предава и на Универзитетот Висконсин-Медисон. Во овој момент е и емеритус директор на Центарот за општествени науки во Коимбра. Нашироко се познати неговите дела поврзани со глобализација, социологија на правото, епистемологија и социјални движења, преведувани на повеќе светски јазици меѓу кои англиски, шпански, италијански, француски, германски, дански и полски.
Ијан Чејмберс во последниот творечки период, со интердисциплинарен и интеркултурен приод активно работи на популарните музика и култура (metropolitan cultures). Последно освежување по оваа истражувачка линија е серијата на пост-колонијални анализи на облиците на модерниот Медитеран. Помеѓу неговите последни текстови се Mediterranean Crossings. The Politics of an Interrupted Modernity (2008), Postcolonial Interruptions, Unauthorised Modernities (2017), Mediterraneo Blues (2020), и со Марта Кариело La Questione Mediterranea (2019). По пензионирањето од Ориентале Универзитето во Неапол, Италија, каде што бил ангажиран на повеќе предмети во областа на Културни студии, сега работи како независен автор и критичар, а активен е и на својот блог: https://mediterranean-blues.blog.