Под мотото „Од мали на точак“, оваа среда (29 октомври) се најавува јубилејната 30 – та по ред Критична маса. Зборното место е Плоштад Македонија, во 17.30 часот, а ќе се вози низ уличкитe во Општина Аеродром каде што, како што посочуваат од групата „На точак“, иако треба да биде, сепак не е прогласена зона 30 ( зона на смирен сообраќај).
-Во услови на глобален подем на технологија, која ги одвраќа дечињата од детските игри, точакот е едно од ретките добра кој сè уште ги мами надвор. Детската игра е суштински дел од развојот на децата, а користењето на јавните простори за игра е богатство кое нашите градови и села не треба да го изгубат.
Затоа бараме да се овозможат услови за смирување на сообраќајот во станбените зони и околини на основни и средни училишта. Зони со ограничување на брзината до 30 km/h и 20 km/h ја зголемуваат не само безбедноста, туку и квалитетот на живот и се воведуваат насекаде низ светот. Бараме задолжително да се спроведуваат сообраќајни едукативни програми во основното и средно образование со кои ќе се зголемат вештините за управување велосипед и познавањето на сообраќајните правила и прописи, се наведува во поканата за Критична маса #30.
Велосипедистите ќе возат по оваа РУТА.