Последната среда на (31) октомври, ќе се одржи 78 Критична маса посветена на проблемите на велосипедистите во Скопје, насловена „Автоцентризмот не е мртов“. Зборно место е Плоштадот Македонија, во 17.30 часот.
Низ која перспектива го гледаме, креираме, користиме градот? Низ перспективата на луѓето или автомобилите?
И покрај наталожените проблеми со: метежот, загадувањето на воздухот, бучавата, небезбедноста во сообраќајот, зависноста од автомобилите, недоволната физичка активност, немањето на независна мобилност кај ранливите категории граѓани (деца, возрасни лица, лица со пречки во движењето, категории на граѓани кои не поседуваат автомобил), и покрај преплавеноста на градот со автомобили и нападот на јавните простори, и покрај претвореноста на градот во сеопшт паркинг, на булеварите во автопати, на маалските улици во складишта за коли, и покрај неразвиениот јавен превоз, неразвиената мрежа на велосипедски патеки и пешачки зони, сепак, во политиките на Градот и општините – автомобилот е сè уште приоритет, врвот на сообраќајната пирамида. За жал, Автоцентризмот не е мртов.
Со оваа Критична маса ќе посочиме некои конкретни автоцентрични практики кои ги гледаме низ градот, ќе ја истакнеме потребата од промена на визијата на Скопје во поглед на сообраќајот и ќе побараме нова градска визија за сообраќајот.
Скопје заслужува современа визија за сообраќајот, визија за поинаква модална распределба, визија за одржлив транспорт, визија за зелен град, за поголемо учество на јавниот, велосипедскиот и пешачкиот сообраќај во вкупниот, а помала на автомобилот. Визија која ќе предвиди ефикасен јавен превоз со висок капацитет (bus rapid transit или трамвај), која ќе ја прошири велосипедската мрежа низ целиот град, која ќе даде предност на пешаците како врв на транспортната пирамида, која ќе тежнее кон нула жртви во сообраќајот (Vision Zero) и ќе ја гарантира безбедноста преку физички мерки, стеснување на коловозни ленти, смирување на сообраќај со подигнувања…
Мораме да признаеме дека има некакви проекти во позитивна насока: изградба и реновирање на велосипедски патеки, ослободување на дел од пешачките и велосипедските патеки од паркирани возила, но тие се само на градско, а не и општинско ниво, и се во недоволен обем за да влијаат на големата слика. Големата слика во сообраќајните и урбаните политики на Скопје е сè уште конзервативна, базирана на концептите од 70-тите, од т.н. транспортно темно доба.
Живееме во ново време, сознанијата се нови, предизвиците се нови, појавени се нови проблеми кои претходно не биле предвидени. Покрај набројаните проблеми (со метежот, загадувањето, здравјето, безбедноста, независната мобилност) се соочуваме и со предизвикот климатски промени кон кои огромно влијание има транспортот. Автомобилот во некои случаи е корисна алатка, но просторот во градот е ограничен и последиците од неговото привилегирање како превозно средство се големи. Затоа не смееме да планираме така што и најкратките и најдолгите патувања ќе се најбрзи со автомобил и со тоа да поттикнуваме прекумерно користење. Треба да планираме за негово рационално користење, кратките патувања до 5 km да ги направиме побрзи и попријатни пешки и со точак, а долгите побрзи и попријатни со јавен превоз.
Треба да планираме за град за луѓе, а не за автомобили. Живееме во ново време и вредностите треба да ни се прогресивни. Да учиме од позитивните примери во светот, да креираме нови концепти.
Со оваа Критична маса #78 ќе повикаме и на усогласена визија за одржлив транспорт на Град Скопје со општините и заедничко работење кон истата цел: за мултимодално планирање и за крај на автоцентризмот.