Во среда (29) од 17:30 часот ќе се одржи 81-та велосипедска Критична маса, со која иницијативата НаТочак и поддржувачите одбележуваат седум години од првиот ваков настан.
Во среда ќе се вози Критична маса низ скопските улици и потоа велосипедистите продолжуваат да се дружат во Градски парк.
„Седум години заедно возиме на скопските улици. 7 години пишуваме, критикуваме, предлагаме нови решенија, ги контактираме институциите. Критична маса во Скопје, па и во другите градови се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели: подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности (не само за највештите и спортистите). Градови кои се вело-пријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од било која до било која точка без прекин Градови кои ги имаат здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики“, соопштува НаТочак.
Од таму потенцираат дека во Скопје и во неколку други градови кај десетици, па стотиции, па илјадници граѓани се создаде доволно лична свест за да повикаат на институционална промена. Се создаде критична маса и промените започнаа, но, за жал, велат тие, само во Скопје и за жал многу скромно, бидејќи очекувале повеќе.
„Нашите тркала во овие 7 години направија многу револуции. Нашите идеи иако толку едноставни и логични, иако презентирани во 80 критични маси и десетици други настани, илјадници статуси и стотици дописи и состаноци, иако не се ништо ново и револуционерно, иако се сè популарни на европско и светско ниво, се сè уште револуционерни за нашите институции. Тоа се гледа во новите сообраќајни проекти (автопатски широки ленти низ градови, со огромни радиуси за автомобили, а смешен простор за пешаци и велосипеди), тоа се гледа во изјавите и дефилеата кои институциите ги организираат каде мешаат спорт и транспорт, тоа се гледа во нашите заглавени тротоари каде луѓето не можат да го остварат основното право на ДВИЖЕЊЕ, тоа се гледа во бројот на сообраќајни жртви, тоа се гледа во копирањето на популистичката мерка субвенции без реални промени на терен, тоа се гледа во правилниците за урбанистичко планирање непроменети од времето на автомобилскиот бум минатиот век…“, соопштуваат вело-активистите.
Меѓу другото, НаТочак во изминативе седум години бараше да се донесе Правилник за проектирање на велосипедска инфраструктура, Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат План за одржлива мобилност, потоа Стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување.
Исто така, бараа јавен превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување на велосипед, а старите да се адаптираат.
Барааа поскоро донесување на Планот за велосипедски сообраќај на Град Скопје и прифаќање на забелешките на велосипедистите, современ автоматизиран Систем за изнајмување велосипеди низ земјава, паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти како што е задолжителен паркингот за автомобили, но и донесување на т.н. „Визија Нула“ по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула.
„Бараме во таа насока спроведување на патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило). Бараме физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици. Бараме поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежи, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови. Бараме силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини. Јавниот простор им припаѓа на луѓето, а не автомобилите“, се вели во соопштението на НаТочак.
Исто така, бараат поскоро воведување на комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем, сообраќајните правила-теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование, воведување на велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите).
Да се посветат одреден број часови на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење на велосипед во рамки на образованието во авто-школите, но и сите институции да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.
„Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат на зголемена свест. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството. На улиците има вело-револуција. Потребна ни е институционална (р)еволуција која ќе го фати чекорот со предизвиците на 21-ви век: климатски промени, загадување, бучава, нездрав начин на живот, физичка неактивност, жртви во сообраќај. Давањето приоритет на пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз во пакет се многу значаен дел од решението на сите овие предизвици! Ве повикуваме да ни се приклучите на 29-ти мај да ги упатиме заедно овие барања и да си честитаме 7 години вело-револуција“, велат велосипедистите.