Наместо во последната среда во месецот, најновата Критична маса на неформалната група На точак ќе се одржи во недела (30 мај). Со неа, активистите ќе одбележат девет години праќање порака за безбедни скопски улици и подобра велосипедска инфраструктура.
Од На точак забележуваат дека во Скопје има промена изминативе години, па велосипедот почнува да станува почест избор за транспорт. Но според нив, многу бавно се случува промената.
„Сакаме Скопје да стане пешачки и велоград, во нашите животи! Сакаме додека се стеснуваат ленти за коли од 3.5 на 3 метри на еден булевар во Центар и да се истакнува безбедноста како причина, да не се градат ленти со 3.5 метри во Аеродром и во Бутел! Сакаме сите општини да работат на визијата за Скопје Велоград, за Скопје пешачки град, зашто Скопје не се само булеварите, Скопје е една целина и потребни се пешачки и велосипедски мрежи кои ќе овозможат безбедно движење од било која точка А до било која точка Б. Сакаме Скопје да се реши дека ќе биде град за луѓе и тоа недвосмислено да се чита во секоја одлука и на градот и на општините, да нема чекор напред, чекор назад. Да реши дека пешакот ќе биде на врвот на сообраќајната пирамида во секој проект, секој урбанистички план, секоја интервенција од денес натаму. Дека после него ќе следуваат точакот и јавниот превоз, па индивидуалниот автомобил“, стои во најавата за настанот.
Но, за да се случи ова, велат од На точак, треба да престане градењето/реконструкцијата на улици без велосипедски патеки или велосипедско решение, да престане калкулирањето со паркираните автомобили по тротоари и да почне нивно порешително ослободување. Покрај ова, бараат да нема острови на булевари кои не собираат цел велосипед, како и да нема високи рабници на ниедна улица. Исто така, бараат да престанат да се градат булевари со ленти за коли широки 3.5 метри (за над 90 km/h), а секоја маалска (општинска) улица по сообраќаен знак и по дизајн да стане Зона 30.
Велосипедската тура ќе започне од Плоштад Македонија во 11 часот.
„Дојдете со нас да прославиме 9 години постоење и да покажеме дека сакаме Скопје да стане град на ненасилно возење, на контролирана бучава, на квалитетен јавен простор, на квалитетно планирање со човекот во фокусот, на право на слободно и безбедно движење во секој агол на градот, за сите нас, во нашите животи. Имаме право на тоа“, повикуваат од На точак.
Организаторите истакнуваат дека поради сè уште актуелната пандемија, учесниците да одржуваат растојание и да не се групираат без заштитни маски.