Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и секретарот на општината Александар Китески поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Од МВР велат дека двајцата на 19 јануари се тестирале за Ковид-19 и наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден присуствувале на манифестацијата по повод Богојавление – Водици во Охрид.
Пецаков пак преку Фејсбук пред два дена обвини за провладина хајка и рече дека политиканството се става над професијата за да се дефокусираат реалните теми важни за граѓаните.
„На 19 јануари, ден Водици се тестирав во Центарот за јавно здравје Охрид, не поради чувствување на симптоми поради ковид, туку поради патување (уплатено од 20-23 јануари) и потребата за поседување на негативен ПСР тест. Нормално не бев во изолација, затоа што што би се случило доколку илјадници луѓе кои поради потребата за патување во странство би се изолирале чекајќи резултати и секако не постои НИТУ ЕДЕН пример кој се изолирал додека чекал резултати на ПСР тест за странство , така што јас во текот на тој ден бев со охриѓани кои го славеа големиот христијански празник. Истиот ден, како и кај секој тестиран на мејл околу 17 часот (а го прочитав покасно) добив известување од тестирањето кое кажуваше дека имам позитивен тест и иако не чувствував никакви симптоми преземав мерки за самоизолација, додека мојата сопруга имаше негативен тест“, стои во објавата на Пецаков.
Наредниот ден, тој посочува дека добил решение за изолација од инспекторка во Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
„После 36 часа од тестирањето, со оглед на тоа што немав никакви симптоми, ниту некој од моето опкружување се тестирав уште еднаш, при што се покажа дека тестот е негативен и немам присуство на корона вирус. (и тој тест јавно го објавив), и само што ги добив резултатите истите и ги испратив на инспекторката (иако во некој друг процес кај што е започнато креирањето на кривичната пријава, вели дека не била запозната за тие резултати). Стана јасно дека станува збор за грешка во тестирањето или пак кујните на власта по своја потреба тоа така го фабрикуваа“, додава Пецаков.
Тој е дециден дека не прекршил ниту еден протокол, ниту дека свесно предизвикал опасност за граѓаните, а најави тужба за клевети и несовесно работење, како и за, како што вели изнесување на заштитени, здравствени податоци во јавноста.