Целиот свој живот Џеврије Хетеми живее во скопската општина Шуто Оризари. Но, поради „грешка во системот“ и невнимание на своите родители при нејзината евиденција, кога полни 18 години сфаќа дека не може да извади лична карта. Оставена само со извод и матичен број, таа ја почнува нејзината борба. Поради тоа што нема лична карта не успева да се венча со сопругот со кој среќно живее десетина години. А, затоa што мајката нема документи, и нејзините три ќерки, иако родени во болница во Скопје, сè уште немаат матичен број.
Па така, Батије, Мелек и Мелиса немаат здравствено осигурување, не земаат детски додаток, немаат пасош, но затоа пак имаат ограничен пристап до образование и страв да се движат надвор од нивната населба, Шуто Оризари.
„За социјална помош не ни мислам. Децата нека ми имаат право на здравство, училиште, нека излезат малку. Социјално, детски додаток не ме интересира, кратко и јасно“, вели 30-годишната Џеврије која со години трча од шалтер до шалтер, за да обезбеди документи за своите девојчиња.
Стотина километри подалеку од нив живее Емран Кандуровски. Не се познаваат со Џеврије, но делат слична судбина. И Емран не постои за системот, иако е роден пред 20 години во Прилеп и никогаш не ја напуштил државата. Системот не препознава дека постои овој млад човек. Емран е единствениот член од неговото семејство кој нема документи. Објаснува дека поради тешката финансиска состојба бил роден во домашни услови, па никогаш не е впишан во Матичната книга на родени.
„Како може да се чувствуваш? Не ти е згодно ни да зборуваш, срам ти е“, вели младиот прилепчанец за својата судбина.
И Емран и Џеврије со нејзините девојчиња се дел од стотици лица во земјава кои немаат документи. Тоа што државата не ги препознава лицата без документи носи свои тежини во нивното секојдневие. Тие немаат пристап до некои од основните човекови права во земјата во која се родени и живеат целиот свој живот.
Како системот ги бележи лицата без документи
Лицата без документи немаат матичен број, немаат Извод од Матичната книга за родени, немаат државјанство од ниту една држава. Ова ги прави една од најмаргинализираните групи во општеството, лишена од основните човекови права. Според проценките на невладините организации се работи за околу 700 вакви лица кои живеат во земјава. Најголемиот дел од нив се Роми.
Со цел овие граѓани да добијат привремен пристап до најосновните права, во февруари 2020 година Министерството за труд и социјална политика (МТСП) го донесе Законот за неевидентирани лица во матична книга на родените, непосредно пред државата да ја зафати пандемија од КОВИД-19. Со него беше распишан и јавен повик на кој сè уште може да се пријават лицата без документи, за да бидат впишани во т.н. Посебна матична книга на родени и да добијат посебен матичен број. Според Законот, лицата кои се внесени во оваа Посебна матична книга, во рок од пет години по автоматизам ќе се префрлаат во редовната Матична книга на родени.
Од МТСП појаснуваат дека во текот на 2019 година биле формирани мобилни тимови составени од матичари, претставници на Центрите за социјална работа и невладини организации, кои директно во ромските заедници, ги идентификувале лицата неевидентирани во матична книга на родени. Матичарите им ги пополнувале прашалниците кои УВМКР потоа ги внесувала во Посебниот регистар.
„Согласно Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени, на лицата евидентирани во посебен електронски регистар, им се утврдува регистарски број, се поднесува Барање до УВМКР за издавање на привремен Извод од Матична книга на родени и се поднесува Барање до МВР за издавање на небиометриска лична карта. Со овие документи може да аплицираат за правата од социјална и детска заштита. За децата важи истата процедура, односно може да бидат корисници на правата доколку се евидентирани во посебниот електронски регистар“, појаснуваат од министерството.
Слаб одзив за упис во Посебната матична книга
Од Управата за водење на матичните книги за Радио МОФ информираат дека според нивните последни анализи, во земјата се евидентирани 723 лица без документи, но од нив само 300 се запишани и добиле Извод од Посебната матична книга на родени.
Одзивот беше слаб, па рокот за пријавување во Посебната матична книга беше продолжуван неколкупати. За последен рок засега е предложен јуни, 2022 година. Според Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници, ова се должи на фактот што се работи за категорија лица коишто многу често мигрираат од едно место на живеење во друго.
„Ние имаме ситуации кога пред јавниот повик, голем број од наши странки не сме можеле да ги лоцираме каде се со живеалиште или каде престојуваат. Не биле достапни на мобилните телефони, бидејќи многу често ги менуваат. Така што, мислам дека од една страна и тоа е главната причина, бидејќи сега се во уште потешка позиција. И таа работа што ја имале, најчесто неформална, поради ескалацијата на пандемијата со КОВИД-19, и таа ја изгубиле и принудени се да одат од еден град во друг да бараат сезонска работа или некој друг вид на работа којашто може да ја најдат. Меѓутоа, мислам дека има влијание и тоа што гледаат дека на терен немаат пристап до никакви права и демотивирачки влијае во однос на самиот интерес да се пријават во матичната управа“, смета таа.
Целиот разговор со Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници може да го слушнете во следниот подкаст
Таа верува дека бројката на терен е поголема, односно, дека постојат лица кои не се пријавиле на јавниот повик, а се соочуваат со ваков проблем. Како здружение забележале неколку пропусти во работењето на Управата во Скопје – од приемот на барањата, па до издавање на решенијата. Како за пример, во текот на пандемијата во Скопје само еднаш во неделата, едно лице работело со странките. Тоа го одолговлекувало целиот понатамошен процес.
Од Управата потврдуваат дека пандемијата ја отежнала нивната работа.
„Секако дека влијаеше пандемијата на КОВИД-19, најпрво капацитетот на вработените во Управата беше намален согласно владините мерки за ослободување на дел од вработените поради КОВИД-19. Исто така, намален е бројот на странки кои аплицираат за дополнителен упис во МКР во посебната матична книга на родените“, велат од институцијата.
Сепак, од институцијата категорично тврдат дека има доволен број на човечки ресурси и технички средства неопходни за реализација на сите предмети поднесени од граѓаните. Оттаму ги охрабруваат граѓаните чии деца не се пријавени во Матичната книга да се обратат до нивните шалтери.
Кој е процесот за влегување во систем?
Од Управата за водење матични книги велат дека првиот чекор што треба да го направат лицата без документи е да се обратат на шалтерите на Управата и да се пополни прашалник.
„Лицата може да достават 4 фотографии и се пополнува и барање за дополнително запишување во Посебната матична книга на родените. Рокот за донесување на решение е 30 дена од денот на поднесувањето на барањето“, објаснуваат оттаму.
Во текот на постапката, неевидентираните лица добиваат Посебен Извод за родени, а доколку се полнолетни, со поднесување на барање до МВР им се издава и небиометриска лична карта.
Во суштина постои разлика помеѓу обичниот и посебниот Извод.
„Со Изводот издаден од Матичната книга на родените доколку се работи за дете кое е македонски државјанин и му е определен ЕМБГ на детето, детето ужива права како секој граѓанин на РСМ. Со Изводот од Посебната матична книга на родените пак, лицата се стекнуваат со пет права и тоа: право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување и упис во матична книга на родените – умрените, согласно со закон, под исти услови како и државјаните на Република Северна Македонија“, појаснуваат од Управата.
Но, постои уште една разлика. Оние лица кои имаат посебен Извод, наместо матичен број, добиваат евиденционен број. Па така, ако матичниот број ги содржи датумот на раѓање, годината на раѓање, како и три бројки кои го означуваат полот, кај евиденциониот број, податоците главно го означуваат денот на поднесувањето на барањето.
Од Управата уверуваат дека не секој случај за дополнителен упис во Maтичната книга на родените е долг процес и трае со години. Во случаите каде децата родени во домашни услови кои и по 15 години од нивното раѓање не биле пријавени во Матична книга на родените и немаат извод, е тешко да се утврди точното место и време на раѓање на лицето и врската со нивните пријавители, велат од Управата.
„На пример, мајката кога поднела барање за упис на детето како датум за раѓање навела одреден датум на раѓање и одредено име и презиме. Во доказите кои ги доставува за детето, потврди од училиште, вакцинален статус или ДНК анализа датумот на раѓање или името на детето не одговора со оној кој го пријавила кога ја иницирала постапката. Исто така неопходен доказ е ДНК анализата која не секогаш странките ја доставуваат“, посочуваат од надлежната институција.
Како случајот на Тони Сали заглави во бирократскиот лавиринт?
Сепак, и покрај охрабрувачките пораки од институциите, дел од овие луѓе не дочекаа да го добијат долго посакуваниот документ. Годинава македонската јавност дозна за постоењето на деветнаесетгодишниот Тони Сали. Како лице без документи, за неговиот идентитет останаа да сведочат само петките и наградите освоени на натпревари. И покрај што Тони цела деценија водеше битка за добивање на матичен број и Извод на родени, на крај, тој не доби ниту официјална посмртница. Ова е приказна без разрешница. До денес, неговата борба за идентитет и понатаму ја води неговата мајка заедно со адвокатката Тамара Славеска Апостоловски.
Донесените закони не се имплементираат во пракса
Во Прилеп, на терен делува невладината организација Станица П.Е.Т., а тамошните активисти веќе три години ги водат лицата без документи низ институциите на системот за да ги добијат основните права. Со усвојување на законските реформи во 2020, тие и директно се вклучија во евидентирање на овие лица.
Според Весна Шапкоски, донесувањето на законот донесе напредок во целата ситуација, но далеку од тоа е дека проблемите со кои се соочуваат лицата без документи се решени.
„Ние како држава секогаш го имаме проблемот да знаеме да го напишеме решението на хартија, ама не знаеме да го имплементираме. Тоа е така и со неевидентираните лица, тоа е така и со многу други проблеми во нашето општество. Законот за неевидентирани лица даде една соодветна рамка како овие лица да се вклучат постепено во системот и да можат да ги остварат своите права, но неговата имплементација не беше соодветно осмислена. Така што подзаконските акти и плановите на различните министерства кои потоа треба да ја усогласат својата работа за да можат овие лица да ги вклучат во системите, не профункционираа еве веќе две години“, забележа Шапкоски.
Организациите како Станица П.Е.Т. и Македонското здружение на млади правници имаат луѓе на терен од овие заедници кои се препознатливи и лесно допираат до овие лица. Тие им помагаат во пополнување на барања, ги придружуваат до самите институции за да можат подобро да се разберат со вработените во службите.
На тој начин, петнаесетина лица во Прилеп кои биле идентификувани како неевидентирани, успеаја да бидат заведени во Посебна матична книга и да добијат посебен матичен извод. Сепак, Шапкоски воочува дека од самиот почеток се соочиле со проблеми, и тоа во одолговлекување во постапката за посебната идентификациона исправа, која претставува привремена замена за лична карта.
Застојот од неколку месеци го посочува кај неусогласеноста помеѓу Управата за водење матични книги и Министерството за внатрешни работи.
„Иако во Законот за неевидентирани лица е предвидено дека откако тие ќе бидат внесени во посебна евиденција, ќе можат да остварат право од социјална, здравствена заштита, образование и право на вработување, посебните закони со кои овие области се уредени не се соодветно прилагодени, ниту се донесени соодветни подзаконски акти за овие лица. Па така, ние сега имаме лица кои ги имаат сите документи од посебна евиденција, а сè уште не можат да добијат здравствено осигурување поради тоа што нема донесено соодветни планови и правилници за како овие лица да бидат внесени во системот на здравствена заштита.“
„Ако тие не можат да ги остварат нивните права излегува дека џабе постои Законот и џабе ја имаме Посебната евиденција бидејќи ги имаме само на хартија тие посебни исправи кои не служат за ништо“, додава таа.
Слична е ситуацијата и во Скопје, потврдува Ефремова од Македонското здружение на млади правници. Иако дел од нивните странки добиле изводи од Посебната матична книга и идентификациони исправи, тие сè уште немаат пристап до ниту едно право. Проблемот го лоцира во евиденциониот број, кој што треба да го замени матичниот број, но како што посочува, системот воопшто не го препознава.
„Тука настанува генералниот проблем. Со самиот Извод од матична книга на родени, доколку вашите родители, или едниот родител е македонски државјанин, вие автоматски влегувате во системот, односно имате државјанство на Република Северна Македонија. Со изводот од Посебната матична книга вие тоа не го можете, бидејќи нема утврден статус, ниту дека се работи за лице државјанин на нашата земја или дека се работи за странец“, забележа Ефремова.
Таа е револтирана што овој документ замислен како привремен начин кој треба да послужи за пристап до основните права, во пракса се покажа дека и тоа не може да се оствари.
Од Управата признаваат дека постои овој проблем.
„Точно е дека сè уште има институции кои не го признаваат евиденциониот број на лицата, иако со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените тоа е задолжение за институциите кои им даваат права. Во моментот единствено што можат да користат е социјално осигурување и право на образование“, велат оттаму.
Народниот правобранител во мај годинава објави посебен извештај во кој меѓу другото препорачува во Законот за неевидентирани лица да се прошири опсегот на примена на документот што го добиваат лицата запишани во Посебната матична книга, за непречено да ги остваруваат основните човекови права.
Покрај ова, од канцеларијата на Народниот правобранител препорачуваат да се зголеми бројот на лица задолжени за прием на барања, упис и водење на постапка за запишување на неевидентираните лица, но и да се определат повеќе приемни денови во тек на работната недела за решавање на ова прашање. Истакнуваат и дека државата е таа којашто преку институциите целосно треба да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучувањето на правно невидливите лица во системот.
Привидно образование
Емран од Прилеп никогаш не бил на училиште. Мелек од Скопје пак, мисли дека нејзината градинка е затворена. И други деца од земјава ја делат нивната судбина, покажува извештајот на Народниот правобранител. Во него се наведува дека повеќе од половина од неевидентираните лица, односно 60 отсто, се деца, на возраст под 18 години.
„Не сум бил никогаш на училиште. Не бев ни запишан, не постоев. Јас имав многу голема желба да учам школо, да бидам образован. Да си знам сè во мојот живот. Да можам да си работам, да сфаќам некои работи“, вели дваесетгодишниот Емран од Прилеп.
Во бројката на лица без документи во Прилеп има и неколку деца кои се на школска возраст. Но, поради одолговлекувањето на процесот со нивно идентификување, носење на законот, па неговата имплементација, децата достигнуваат 16 години и веќе не можат да бидат вклучени во основното образование.
„Додека ние зборуваме за имплементацијата на Законот, па да ги пегламе работите, па да носиме подзаконски акти, годините поминуваат и тие деца пораснаа без можноста да остварат образование. Сега единствен начин е да бидат вклучени во вонредни образовни процеси кои за нив ќе бидат многу потешки, бидејќи нема да имаат континуитет, нема да бидат во тек со нивните генерации и ќе го изгубат квалитетот на воспитно образовниот процес кој е основна цел на тој систем“, вели Шапкоски од „Станица П.Е.Т.“.
Радио МОФ се обрати до Министерството за образование и наука за тоа како се одвива образовниот процес на децата без државјанство.
„Лицата без државјанство имаат право на основно, средно и високо образование под еднакви услови како и државјаните на Република Северна Македонија. Ова е утврдено со поодделните закони, за основното, средното и за високото образование“, уверуваат од МОН.
Сепак, колку овие закони на кои се повикува МОН се имплементирани, покажуваат приказните. Комплицираните образовни процеси се отсликуваат во судбините на ќерките на Џеврије. Батије, нејзината најголемата ќерка, оди во трето одделение. Но, не е истиот случај и со Мелек која ја одбиле од градинка.
„Ја спремавме, како што е редот и рекоа дека ќе ја примат, а кога отидовме, ни побараа копија од Извод. Им го дадов ливчето што ми го дадоа, ми викаат „Ааа, без Извод не може“… Знаеш колку ми беше жал? Наредниот ден стана детето, го зема ранецот, морав да ѝ кажам дека градинката не работи. Кога ќе работи, ќе одиме…“, вели Џеврије.
Ефремова од Македонското здружение на млади правници воочува дека сè до моментот додека не бидат запишани во Матичната книга на родени, на овие деца не им се издаваат свидетелства како потврда за завршено одделение, иако како што вели, исклучоци постојат.
Лекот не е пет пари за лицата без документи, иако го знаат
Појавата на пандемијата со КОВИД-19 е дополнителна закана и товар за лицата без документи. Проблемите се појавиле уште на пунктот за вакцинација, каде не им се дозволувало на овие лица да се вакцинираат, бидејќи немаат осигурување и лична карта. Граѓанскиот сектор и здравствените работници се тие кои им излегоа во пресрет на овие лица.
Таков е случајот на Беаска Мамудоска и Ермина Асаноска од Кичево кои засега се првите и единствени здравствени медијаторки во овој град. Со работа почнаа во мај. Нивната канцеларија се наоѓа во склоп на Здравствениот дом во Кичево. Но, кога излегоа од неа сфатија дека на терен многу работи функционираат поинаку.
„Во Кичево има една населба каде што има посиромашни луѓе од ромската заедница, кои се дојдени и од други градови. Тие имаат проблем со својата документација, со медицински прегледи, со деца кои не се вакцинирани. Ни беше на некој начин измапирано од каде да почнеме, тој дел е најризичен“, се потсетува Мамудоска, мислејќи на т.н. Прилепска населба во Кичево.
Одеднаш излегле многу проблеми со кои почнале да се соочуваат. Тие забележале страв кај овие лица, бидејќи избегнувале да одат на места кај што може да се сретнат со полиција и не оделе на прошетки или на места кај што се бараат документи.
Во Кичево, здравствените медијаторки затекнале случаи на 14 деца што не се запишани во Матичната книга на родени. Ова, како што истакнаа, доведува до тоа да немаат примено никаква вакцина.
„Самите мајки не беа информирани дека вакцинацијата е бесплатна и не мора да имаат лечење за да ги вакцинираат нивните деца. Па дел по дел им закажувавме термини за вакцинација. Одреден период ги прибиравме нивните документи кои што можеме да ги собереме, картони од новородени, со нивните изводи. Некој што е тука во Кичево веќе полнолетен да извади лична карта, па тој список го доставувавме во Матичната служба. Таму имавме разговор со шефот, а сега сме во процес на решавање, случај по случај“, вели Мамудоска.
Покрај ова, двете здравствени медијаторки им помогнале на Ромите во Кичево во процесот на вакцинација. Но, предизвик било да ги убедат да примат вакцини против КОВИД-19, а уште помалку нивното дете. Досега, тие успешно вакцинирале 14 млади мајки и постари лица.
Пријавувањето за вакцинација против Ковид-19, кое првично се одвиваше електронски било невозможно за лицата без документи, истакнува Шапкоски од Станица П.Е.Т.
Тие немаат ни матични лекари, така што и таа можност била исклучена за нив. Како организација, преку свои здравствени медијатори во Прилеп, тие им помогнале да се пријават за вакцина.
„Заканата од КОВИД-19 или ако некое лице заболи од оваа заедница беше уште поголема и ги ставаше нив во уште поголем ризик, бидејќи третманот за зајакнување на имунитетот за којшто постојано слушаме во медиумите и набавката на суплементи се исклучително скапи“, забележа таа.
Таков бил случајот и во Скопје, каде биле враќани од различни пунктови за вакцинација поради тоа што не поседуваа личен документ за идентификација. Македонското здружение на млади правници реагирало до УНХЦР, но и до МТСП, по што биле известени дека лицата со посебен матичен извод биле прифатени.
Сепак, од Министерството за здравство уверуваат дека овие лица може да ја добијат оваа услуга.
„Граѓаните кои немаат матичен број или лични документи, државјанство и др. може да се вакцинираат на вакциналните пунктови за КОВИД-19. Тие се заведуваат во систем како лица кои немаат документи, а како и сите останати граѓани добиваат потврда дека примиле вакцина. Вакцинацијата и за нив е бесплатна“, стои во одговорот на министерството.
Но, проблемот со здравството постои и пред КОВИД-кризата. Овие лица или се лекуваат приватно, или се снаоѓаат како што велат Мамудоска и Асаноска, така што од соседите или блиските се позајмува здравствена книшка. Ова не функционира кај секој доктор, но друг избор немаат, освен да платат за нив огромна сума.
Според Законот за здравствено осигурување, ниту Џеврије и нејзините деца од Шуто Оризари, а уште помалку Емран од Прилеп можат да добијат здравствена заштита. Иако од нив не се бара да достават документ за државјанство, потребно е да се во работен однос, да вршат самостојна дејност, или пак да се корисници на пензија, социјална помош…
Дури и приватно да сакаат да го остварат ова право, пред сè е потребно да имаат извод од матична книга на родени и лична карта. Па така, Џеврије за својата ќерка Батије неодамна морала да плати 5000 денари за инфузија, додека Емран само еднаш во својот живот бил на лекарски преглед.
„За членовите на семејството кон пријавата се поднесува доказ со кој се докажува сродството со осигуреникот (извод од матичните книги на венчаните, извод од матичните книги на родените или решение од надлежен орган). За децата на осигуреникот над 18 години, кон пријавата се поднесува и потврда за редовно школување“, стои во одговорот од Фондот за здравствено осигурување за Радио МОФ.
Се чекаат резултатите од Пописот
Официјални информации за бројот на лицата без државјанство сè уште нема. Годинава после 20 години од претходниот попис, државата доби шанса да го преброи населението, вклучително и овие лица. Но, при попишување на населението, државјанството е еден од главните (задолжителните) белези.
Од Државниот завод за статистика (ДЗС) истакнуваат дека државјанството токму преку матичниот број се користи за идентификација и разликување помеѓу македонските и странските државјани кои живеат во земјата, но не поседуваат државјанство на земјата во која се врши Пописот.
„Во согласност со пописната методологија, бидејќи овие лица не поседуваат документ за идентификација на државјанството, во пописната апликација се внесува: ден, месец и година на раѓање, и шест 9999999. во предвиденото поле – со цел нивна идентификација. Со примената на комбинираниот пописен метод во Пописот 2021г, преку користењето на податоци од административните збирки на податоци и попишувањето на терен, располагаме и со податоци и за оваа категорија на лица преку МВР како надлежна институција“, велат од ДЗС.
Оттаму најавуваат дека првите резултати од пописот ќе се објават на 31 март 2022 година, додека за податоците за државјанството ќе треба да се почека до втората половина на 2022 година.
Решениja има, потребна е волја
Шапкоски нагласува дека лицата без документи немаат доверба во системот. Се плашат дека секој обид да се обратат за помош ќе биде на нивна штета и уште поголемо заглавување во институциите, вели таа.
„Потребно е уште пред самото донесување на овие подзаконски решенија, да се направи план како и другите чинители во општеството, другите органи на извршната власт, другите министерства како ќе го имплементираат тој закон, како овие луѓе ќе ги вклучат. Процесот треба да биде осмислен од самото идентификување на лицето на терен, до нивно вклучување во системите за здравствена, социјална заштита, образование итн“, смета таа.
Според Ефремова од Македонското здружение на млади правници, не мора да се оди предалеку за да се видат и други системи како го решаваат проблемот со бездржавјанството.
„Да речеме во Србија, па мислам и во Босна и Херцеговина има паралелен начин на впишување во Матична книга на родени. Доколку се работи за лица родени во домашни услови и на кои не може да им се утврди времето и местото на раѓање во управна постапка, истото се прави во вонпарична судска постапка. Потоа имаме случаи како во Босна, каде доколку мајката во рок од 30 дена не му одреди лично име на детето, се вклучува и Центарот за социјална работа. Знаеме дека таму има можност и за упис на детето доколку мајката нема документи и со изјава на двајца сведоци заверена на нотар којшто го потврдуваат идентитетот на мајката. Значи, начини има, треба само да се најде некоја добра пракса“, забележува Ефремова.
Уште во 2011 година, Северна Македонија е потписничка на Загрепска декларација со која за првпат е детектиран проблемот со бездржавјанството. Државата оттогаш е обврзана да создаде услови за непречено запишување во Матична книга на овие лица.
„Меѓутоа, посериозни успеси и ангажирања од страна на државата ние ги гледаме од крајот на 2017, почетокот на 2018 година. Но, пак ќе кажам. Има интерес, но не до крај се спроведуваат овие мерки. За мене, Законот за неевидентирани лица е еден вид на социјална мерка затоа што тоа не е системско, односно конечно решение на проблемот“, посочи Ефремова.
Потсетува на последниот извештај на Европската Унија, во кој проблемот со бездржавјанството се потенцира дека е отворен проблем и треба да се реши.
„Вие не можете да барате да бидете земја членка на ЕУ, а да имате 700 лица кои не знаете да ги решите во управна постапка. Мислам дека тоа е неуспех за самата држава, да не кажам и срам“, заклучи Ефремова.
Мамудоска и Асаноска, од друга страна се чувствуваат по малку огорчено од сложеноста на целиот процес.
„Тие гаат некоја надеж дека ние ќе им помогнеме со самото доаѓање на адвокатите. Адвокатите кога ќе дојдат ја објаснуваат процедурата, а некои од работите во процедурата лицата не можат да ги извршат“, посочува Мамудоска.
И здравствените медијаторки од Кичево се свесни дека проблемот на овие лица не завршува кај документите.
„Можеби за нас е лесно, но за нив е тешко. Да отидат во друг град, да извадат документи и да го запишат детето таму каде што се родени. Од секој поглед на нив им треба помош – финансиска, државна, правна, па и помош од социјалните служби. Ни треба нешто за поттикнување на самата свест, совети од социјални лица“, предлагаат Мамудоска и Асаноска.
Тие се надеваат дека во иднина ќе добијат повеќе ресурси за да можат да помогнат на што повеќе луѓе.
Неизвесен крај
Во меѓувреме, желбите на Џеврије и Емран остануваат неисполнети.
За Џеврије, најважно е здравјето и образованието на нејзините ќерки. Откако Батије и Мелек добија привремен документ што ги идентификува, најмалата Мелиса и понатаму чека да биде впишана во Посебната матична книга. А за себе, Џеврије сака венчавка. Би го сторила тоа и на „старост“, низ смеа вели таа.
„Не сакам со страв да живеам и со страв да излезам некаде. Сакам да имам право како сите луѓе“, децидна е Џеврије.
Желбата на Емран, пак, е да има важечки документи и конечно да се вработи, за да може да го живее животот како што треба.
„Како и сите, така и јас“, вели тој.
Авторки: Ивана Смилевска, Емилија Петреска, Јасмина Јакимова
***Оваа oбјава е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.