Голем број на домашни и странски посетители вчера се упатија кон Крушево со цел да се запознаат со природата, културата, авантурата на Крушево и да ги посетата големиот број на културно – историски споменици. „Откриј го Крушево“ беше целодневен настан кој се случуваше вчера на различни локации во нашиот туристички центар.
На Мечкин Камен присутните ги забавуваа музичките групи „Суперхикс“ и „Љубојна“ кои на историскиот локалитет им приредија незаборавна забава на големиот број на присутни гости со неколкучасовен концерт. Посебна атракција беше летањето со параглајдер. Крушево е едно од неколкуте места со идеална клима и погодности за летање со параглајдер на Балканот. Летајќи во тандем со професионални параглајдаристи, 20 гости имаа среќа да полетаат со параглајдер и да уживаат во убавините.
Истовремено, манифестацијата „Откриј го крушево“ се одвиваше и во центарот на градот. Таму голем број на посетители може да ги вкусат традиционалните крушевски јадења, а неизбежен беше и надалеку прочуениот крушевски локум. На плоштадот „Никола Мартиноски“, фолкорната програма беше збогатена со настап на културно-уметнички друштва и изведба на познатото „комитско оро“.
За љубителите на велосипедизмот, се организираа возбудливи велосипедски и пешачки тури на повеќе од 40 километри низ недопрената природа. Дел од посетителите со жичарница се искачија до врвот на крушевскиот рид, а активности се случуваа и во куќата на Минѕе каде што беа изложени рачно изработени ракотворби и презентација на рачно везење.
Голем број на посетители ги посетија и спомен-куќата на Тоше Проески и манастирот „Свето Преображение“. Во Крушево неизбежна беше и посетата на крстот висок 33 метри. До доцните вечерни часови во преполните угостителски објекти, посетителите уживаа во свежиот воздух, природата и гостопримливоста на крушевчани.
Целта на настанот беше да се промовира туристичката понуда на Крушево, како и промоција на природните и културните вредности кои се дел од Крушево. Организатори се Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Центарот за развој на пелагонискиот плански регон, Проектот на УСАИД за експанзија на малите бизниси и Општина Крушево.
Б.К.