КСП центар Јадро отвори јавен повик за поддршка на автори и авторки за снимање авторски аудио поткаст.
Како што информираат од Јадро, секој/а што сака да го пренесе своето знаење, страста за своето хоби, алармот за одредени состојби и критика на делата од омилените автор(к)и, е добредојден(а) да се пријави на повикот.
Темите за поткастот се:
- Екологија и заштита на животна средина;
- Ментално здравје;
- Јавни простори и архитектура;
- Критика или анализа на современи дела од областа на културата (театар, книжевност, музика, филм итн).
„KСП Центар Јадро ќе обезбеди техничка опрема и простор при снимањето, менторство и помош во осмислувањето на разговорот, промовирање на епизодите на нашите социјални мрежи и краток курс од 5 часови за снимање и постпродукција на поткаст кој ќе го одржи Младен Павлески од BPM Streaming“, велат оттаму.
Сите заинтересирани за пријавување потребно е да испратат мејл на centar.jadro@gmail co назнака „Поткаст на Центар-Јадро“ во кој треба да се наведе:
- концепт за поткастот (до пола страна);
- ваше кратко био;
- претходно искуство со овој или сличен медиум;
- дали ќе имате гости на поткастот и кои би биле тие;
- колку епизоди планирате (минимум две, максимум четири, со можност за продолжување доколку има ентузијазам од страна на автор(к)ите);
- дали ќе водите соло или со уште некој(а).
„Вашата обврска ќе биде да ја спремате содржината на поткастот, контакт со евентуални гости и водење на поткастот. Поткастот може да го водите во тандем со уште една личност. Поткастот треба да трае минимум 30 минути“, информираат од Јадро.
Од таму додаваат дека на повикот ќе се одберат 5 апликации кои меѓу другото ќе добијат и поединечен хонорар од 8000 денари бруто износ. Краен рок за испраќање на апликациите е 19 март, недела, 2023 година.
„Добиените апликации ќе бидат оценети од страна на тимот на КСП Центар-Јадро, а информациите за избраните автор(к)и на поткастите ќе бидат објавени најдоцна до 22 март“, се наведува во повикот.