КСС: Недела да биде ден за одмор, а оној кој ќе работи да зема 50% поголема дневница

Од Конференцијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) сметаат дека би било неприфатливо законски да се дискриминира кој може, а кој не може да работи во недела ако тој ден се прогласи за неработен.

Од КСС предлагаат да се направи дополнување на сегашниот закон со кој ќе се прецизира дека недела е ден за одмор, а сите оние кои ќе работат да им следува 50 проценти повисока дневница.

 

„КСС стои на ставот дека сегашното Законско решение само треба да се дополни и тоа: Во членот 134 став 2 да стои: Ден за неделен одмор е недела. Секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50%; Во членот 134 да се додаде став 3: Неделното работно време не смее да се продолжува во недела и важи од понеделник до сабота“, објаснуваат од Конференцијата на слободни синдикати.

Тие сметаат дека на овој начин би се задоволиле потребите и на работниците, но и на бизнис секторот.

„Сето друго сметаме дека е чист популизам. Од една страна трговците лицитираат и лобираат, од друга страна ќе се направи хаос во Законот за работни односи, доколку се опишува кои дејности треба да работат, а кои не. Во време на економска криза многу лесно може да се случи заради неработење во недела да се намалат платите и да се кратат работни места. Од тие причини ние препорачуваме дека во моментот нашиот предлог е можеби и најприфатливо решение за сите засегнати страни“, додаваат од КСС.

Иницијативата недела да се прогласи за неработен ден извршната власт формално ја прифати на почетокот на ноември на предлог на Сојузот на синдикати на Македонија како дел од предлозите за унапредување на работното законодавство, заради заштита на работничките права и обезбедување баланс помеѓу работата и семејството..

Од Владата го задолжија Министерството за труд и социјална политика во рок од 15 дена да достави законско решение за ова прашање, но и покрај тоа што помина цел месец од најавата и понатаму нема конкретно предлог законско решение кое би се нашло во Собранието.