Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило 43 учебници по задолжителни и изборни предмети на почетокот на учебната година, соопшти Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на денешната прес-конференција.
По препорака на КСЗД, МОН требало да обезбеди учебници по сите наставни предмети и на сите јазици на кои се извршува наставата во основното образование пред почетокот на учебната 2023/2024 година и за тоа да достави писмено известување до Комисијата најдоцна до 31 август 2023 година.
„Од вкупно 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на училишната година, МОН не обезбедило 43 учебници, односно недостигаат 34% учебници“, информираат од Комисијата.
Согласно извештајот на Министерството само учениците од прво и второ одделение оваа година ќе имаат учебници по сите наставни предмети и на сите наставни јазици.
Учениците од трето одделение ја започнуваат оваа година без ниту еден учебник по сите задолжителни предмети. Допрва следи печатење, превод и дистрибуција или во завршна фаза се учебниците по македонски, албански, турски и босански јазик и по природни науки и општество.
„Учебникот по српски јазик нема ни одобрение од Националната комисија. Учебник по математика ќе нема, ниту досега е распишан јавен повик за формирање на авторски тим, а истиот ќе треба да се преведе и на сите други наставни јазици“, информира КСЗД.
Учениците од четврто, петто и шесто одделение кои наставата ја следат на албански, турски, српски и босански јазик од четврто, петто и шесто одделение нема да имаат учебник по македонски јазик, иако им е задолжителен предмет.
МОН тврди дека причина за ова е што пријавените автори биле „несоодветни според нормативот за наставен кадар“. Ракописот за петтоодделенците не бил одобрен од Националната комисија откако ги поминал сите фази на процесот за одобрување на учебник, додека за учебникот за шесто одделение никој не се пријавил на конкурсот.
Учениците од петто одделение ќе немаат учебник по новиот предмет „Историја и општество“. Се работи за учебникот кој беше одобрен од Националната комисија за учебници уште на 3 ноември 2022 година, испечатен и дистрибуиран до училиштата, но заради клучни содржински грешки беше повлечен од употреба во мај 2023 година.
Од Министерството велат дека во меѓувреме обезбедиле нов авторски тим и ракописот бил во фаза на одобрување.
Учениците од шесто одделение оваа учебна година ќе немаат учебник по ниту еден задолжителен предмет, односно 10 наставни предмети за кои сè уште нема одобрување. Дополнително, за учебникот по историја и општество не бил доставен ниту еден ракопис.
За учебникот по српски јазик, како што вели МОН, се пријавиле автори „несоодветни според нормативот за наставен кадар“ па повторно објавиле повик за формирање на авторски тим. Учебникот по математика бил „во завршна фаза на одобрување“ а потоа треба да се преведе и на другите јазици.
Учениците од повисоките одделенија, односно седмо, осмо и деветто оваа учебна година наставната програма ќе ја следат според старата програма и ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија кој иако е одобрен не може да се користи поради „проблеми со преносот на материјалните авторски права со авторот“.
За предметот историја за седмо одделение (2 учебника), историја за осмо одделение и историја за деветто одделение (2 учебника од различни издавачи) МОН „во моментов не нарачува дополнителен тираж заради историската комисија“.
Комисијата не може да утврди дали ова значи дека учениците ќе ги користат постоечките одобрени учебници по историја или не.
Вкупно 20 учебници по странски јазици, како прв или втор предмет за сите одделенија од деветгодишното основно образование сè уште немаат одобрение за употреба кое го дава Педагошката служба како орган при МОН. За сите е забележан статус „во напредна фаза на одобрување“.
Ако се има предвид законската одредба дека јавниот повик за овие учебници трае од 10 дена до 3 месеци, Комисијата не може да утврди кога овие учебници би биле дистрибуирани до учениците.
Согласно наведеното во дописот од Министерството, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека МОН не ја отстраниле повредата на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема популација ученици од основното образование во зададениот рок, што било нивна законска обврска.
Ангела Бошкоска