Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денеска објави општи препораки до институциите за Меѓународниот ден на лицата со попреченост, наместо, како што велат формални честитки за негово одбележување.
Препораките се однесуваат на отстранување на системската дискриминација кон овие лица, со цел унапредување и заштита на правата обезбедени со ратификацијата на конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за права на лицата со попреченост, велат тие.
„Првата општа препорака се однесува на унапредување на правото на здравствена заштита и пристапот до вакциналните пунктови на лицата со попреченост во услови на пандемија. Втората е насочена кон унапредување и заштита на човековите права и достоинство на осудените лица со попреченост и почитување на нивниот физички и ментален интегритет за време на издржувањето на казните во казнено- поправни установи и казнено-поправните домови“, стои во соопштението на КСЗД.
Третата општа препорака на КСЗД се однесува на обезбедување пристапност и соодветно приспособување на гласачките места, со што, како што велат, ќе се овозможи еднаков пристап на лицата со физичка попреченост до и во гласачките места ширум земјата.
„И последната, четврта општа препорака објавена денес се однесува на имплементацијата на одредбите содржани во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во соодветното домашно законодавство со цел да се обезбеди и промовира остварувањето на човековите права и слободи на сите лица со попреченост без каква било дискриминација врз основа на попреченост“, додаваат тие.
Оттаму потенцираат дека во земјава сè уште нема регистар колку има лица со попреченост, во кои делови и со каков вид на попреченост се соочуваат. Оттука, тие побарале од Министерството за труд и социјална политика во најкус рок да формира регистар на лица со попреченост според степен и вид за да може да се проектираат реални и ефикасни политики и мерки.
Дополнително, тие побарале во домашното законодавство да бидат вметнати и сите одредби од Конвенцијата за заштита на овие лица во што покус период.