Постапувајќи по претставка поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна дискриминација врз основа на етничка припадност и боја на кожа, извршена од страна на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, известува Хелсиншки комитет.
Оттаму информираат дека во февруари 2020 година, Сирхан Усеин и неговата мајка, и покрај тоа што имале годишен билет, биле малтретирани, навредувани и избркани од автобусот поради нивната етничка припадност и боја на кожа.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација му препорача на ЈСП во иднина да обезбеди непречен и еднаков пристап до добрата и услугите на сите граѓани на Република Северна Македонија, без разлика на нивната етничка и расна припадност. Претпријатието доби препорака да спроведе обука за подигнување на свеста и сензибилизација на своите вработени за работа со маргинализирани групи граѓани. КСЗД го следи извршувањето на мислењата и препораките во вакви случаи и иницира прекршочна постапка пред надлежен суд, доколку тие не се исполнат“, пренесува комитетот.
Оттаму ја поздравуваат динамиката со која КСЗД во изминативе седмици им пристапува на случаите кои што ги презеде од претходната антидискриминаторска комисија и додаваат дека очекуваат брза и ефективна работа и во иднина, која ќе придонесе за подобрување на состојбата со човековите права во земјава и во искоренувањето на дискриминаторските практики.