Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека епископот Јаков Стобиски извршил дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми. Ова денеска го соопштија од Коалиција Маргини кои заедно со КВИР Центарот поднеле претставки до КСЗД.
Оттаму посочуваат дека сега епископот треба јавно да се извини, а во спротивно, како што велат, Комисијата ќе поднесе барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
„Водејќи се од наодите на претставките, како и произнесениот одговор на Јаков Стобиски по однос на нив, Комисијата увиде исполнување на дефиницијата на вознемирување содржана во член 10, став 1, од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Тие константираа дека ‘преку своите јавни настапи изминатиот период, меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица, Јаков Стобиски изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата и омразата кон ЛГБТИ луѓето. Тој го искажал својот став кон трансродовите лица преку стереотипи, опишувајќи ги како лица кои страдаат од ментално растројство, нагласувајќи ја на тој начин стереотипната и штетна слика за нив и нивната позиција во општеството’“, велат од Маргини.
Оттаму велат дека Комисијата истакнува дека иако Стобиски има право јавно да ги искажува своите ставови и мислења, не смее да охрабрува и поттикнува дискриминација кон одредена група на луѓе или јавно да се залага за нивно маргинализирање и стигматизирање.
„Во објаснувањето на Мислењето стои дека предвид е земен ‘фактот што Јаков Стобиски е свештено лице, кое може да влијае на јавноста со своите ставови и авторитети, поради што има дополнителна одговорност да не поттикнува дискриминација и да не повредува нечие достоинство со неговите изјави и ставови’“, дообјаснуваат од Маргини.